Денеска, на 11 март, роденденот на познатата македонска пистаелка Оливера Николова, прв што се одбележува без нејзино физичко присуство, востановена е книжевна награда, што ќе го носи нејзиното име, а ќе се доделува за најдобар необјавен роман за деца и млади.
На денешната прес-конференција, Бранка Бугариска, директорка на издаваштво но „Арс Ламина“, истакна дека со оваа награда, издавачката куќа сака да ја зачува и продолжи книжевната традиција што ја остави Оливера Николова (1936-2024).
– Придонесот на Николова во македонската литература, а особено во романот за деца и млади е немерлив. Со своите дела таа внесе автентичност, емоционална длабочина и хуманост, кои и денес инспирираат генерации читатели. Нашата мисија е да го продолжиме овој книжевен жанр, да му дадеме нова сила и да поттикнеме автори кои ќе ја продолжат оваа значајна традиција. Во време кога книжевноста за деца е притеснета меѓу сликовниците и литературата за возрасни, нашата цел е да го ревитализираме овој жанр и да му дадеме простор повторно да биде значаен дел од современата македонска книжевна сцена – изјави Бугариска на прес-конференцијата.
Оливера Ќорвезироска, уредничка во „Арс Ламина“ и членка на жирито истакна дека се надева оти со востановувањето на оваа награда барем малку ќе и се оддолжиме на Оливера Николова за се што направила за современата македонска книжевност.
Според Весна Мојсова-Чепишевска, професорка на Филолошкиот факултет, и член на жирито, со воведувањето на оваа награда ќе се направи сериозен книжевен простор во кој ќе излезат на мегдан и авторите и нивните нови приказни.
– Ќе бидам среќна кога само по неколку години, полицата со најнови книги за деца и млади ќе биде полна со добри книги кои ќе го задржат вистинското внимание на детето на 21. век преку добрите приказни – посочи Мојсова-Чепишевска.
Пистаелката Јагода Михајловска-Георгиева, која исто така е членка на жирито годинава, изјави дека е сурна оти наградата ќе биде поттик за етаблираните, но и за младите писатели да ги задоволат очекувањата на младите читатели за нови интересни и возбидливи книги.
– Младите бараат да се препознаат во ликовите, јунаци на кои можат да им веруваат. Тие посакуваат книги блиски до нивниот начин на комуникација, забава, блиски до нивните интереси- вели Михајловска-Георгиева.
На прес-конференцијата присуствуваше и ќерката на писателката Оливера, Јана Андреевска, која со многу емоции зборуваше за својата мајка и изрази гоелма балгодарност за оваа одлука, да се воспостави награда што ќе го носи нејзиното име.
-Мајка ми многу сакаше да открива нови писатели, нови таленти и многу сакаше да ги поттикнува сите да пишуваат. Уверена сум дека како што е осмислена оваа награда, ќе придонесе за тоа за што таа се залагаше и на тој начин таа уште долго ќе биде присутна меѓу нас – рече Јана Андреевска.
Наградата „Оливера Николова“ ќе се доделува секоја година на 11 март, а овој прв конкурс трае од денес до 11 јуни. Право на учество имаат сите полнолетни лица кои ќе пратат необјавен ракопис, напишан на македонски јазик и со кирилско писмо. Ракописот треба да биде долг од 32 до 80 страници (од 2 до 5 авторски табаци), што ќе ги достават авторите на е-адресата: [email protected], како ворлд или ПДФ формат, со назнака: За конкурсот „Оливера Николова“. Наградата е откупна и се состои од паричен износ од 60.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција на зидавачката куќа „Арс Ламина“. Одлуката за добитникот на годинашната награда ќе биде објавена во септември. M.T.