Во споредба со вселенската лабораторија, овој истражувачки објект ќе обезбеди подобар пристап за оценување различни технолошки идеи

Кина ги разви првите симулатори на вселенска станица што се наменети за изведување различни експерименти и тестирање инструменти на Земјата. Кинеските научници веќе почнаа да ги изведуваат првите експериментални операции на овој проект, познат како Земјина вселенска станица, а симулаторите на вселенската станица се наоѓаат во градот Харбин.

Комора што симулира услови на Месечината

Главната цел на проектот е да се создаде платформа за спроведување фундаментални научни истражувања на Земјата во услови споредливи со оние во вселената. Објектот ќе овозможи и тестирање на вселенската опрема, како што се сателитски компоненти и вселенски костими.

Во споредба со вселенската лабораторија, овој истражувачки објект ќе обезбеди подобар пристап за оценување различни технолошки идеи. Симулаторите се исто така поевтини и побезбедни за спроведување тестови.

Изградени се голем број комори за симулирање различни услови во вселената, како што се микрогравитација, слаби магнетни полиња, електромагнетно зрачење, плазма и вселенска прашина. Една симулаторска комора го имитира зрачењето на околината и е најблиску до реплицирање на вистинските услови на зрачење во вселената. Комората ќе се користи за истражување и тестирање сателити и компоненти на вселенски летала.

Од друга страна, една од магнетните комори симулира слабо магнетно поле и овозможува тестирање на различни научни инструменти пред лансирањето. Покрај тоа, постои комора што симулира услови на површината на Месечината.

Првиот екипаж на Месечината до 2030 година

Овој лунарен симулатор може да се користи за истражување различни лунарни феномени, како што е формирањето лунарна прашина. Комората ќе помогне да се запознаат ефектите на лунарниот реголит врз вселенските летала, вселенските костими и астронаутите.

Кинеската вселенска агенција, поточно нејзиниот заменик-шеф Лин Сичанг, соопшти дека планот е да се испрати првиот екипаж на Месечината до 2030 година. Човечко-роботска истражувачка мисија ќе им овозможи на луѓето да останат на површината на Месечината пократок временски период, а подготовките за таа мисија веќе се во тек.

Сите системи се истражуваат и развиваат, вклучувајќи ги и оние што се потребни за новата ракета „Лонг марч 10“, вселенски летала, лендери на Месечината и костими за слетување на Месечината.

Се очекува кинеските симулатори да привлечат научници низ светот, а институти од 30 земји веќе имаат потпишано договори за нивна употреба.