Европската Унија ќе отвори канцеларија во Нук, главниот град на Гренланд, а на свеченото отворање ќе присуствува и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Гренланд стана глобално значаен и големите сили, како што се САД, ЕУ, па дури и Кина, покажуваат голем интерес за него. Причината е потрагата по суровини на самиот Гренланд, но и на Арктикот, што е олеснето со топењето на мразот на Арктикот, па во трката за доминација на овој простор се вклучија и САД, Русија, Канада, НАТО, но и Норвешка, особено затоа што Гренланд е еден вид копнен „мост“ помеѓу Арктикот и Атлантски Океан
Гренланд е територија на Данска со широк степен на автономија и како таков се повлече од ЕУ по референдумот во 1982 година, но сите 57.000 жители имаат голем број привилегии како да се во рамките на Европската Унија, бидејќи станува збор за прекуморска територија на Данска.
Гренланд е од голем интерес за Брисел, но и за другите големи сили, особено кога станува збор за суровините со кои располага. Според „Гардијан“, се верува дека на островот можат да се најдат 25 вида суровини од 34-те што ѝ се потребни на Европската Унија за таканаречената зелена транзиција.
ЕУ, која нема пристап до рудници и капацитет за преработка на суровини, се обидува да ја намали својата зависност од Кина, која доминира во производството на ретки критични минерали. Од друга страна, САД отворија конзулат во главниот град на Гренланд во 2020 година, една година откако поранешниот претседател Доналд Трамп понуди да го купи островот, како дел од напорите на официјален Вашингтон да го прошири своето дипломатско и комерцијално присуство на Гренланд и на Арктикот.