Драго ми е што минатата година неколкумина млади од Македонија добија награди од стручното жири, од новинарите, но и од публиката. Лани во Маглај македонски учесници беа Иван Илиев, Кристијан Демјански, Омар Џафероски и Јана Спирковска, вели Бенјамин Хасаниќ

Бенјамин Хасаниќ од фестивалот „Студентско лето“ во Маглај

Најстариот фестивал во Босна и Херцеговина за млади и неафирмирани пејачи „Студентско лето“, кој се одржува во Маглај, наесен повторно ќе ги собере најдобрите млади пејачи од регионот. Оваа реномирана меѓународна музичка манифестација лани прослави половина век постоење, но организаторите не запираат и велат дека продолжуваат кон наредните јубилеи. Фестивалот годинава ќе се одржи на 8 и 9 септември, а за подготовките зборува познатиот босански пејач Бенјамин Хасаниќ, кој е член на фестивалскиот одбор на „Студентско лето“.

Минатата година одбележавте педесетгодишен јубилеј. Потсетете нѐ малку на историјата на овој фестивал и кажете ни во кој правец се движите денес?
– Овој фестивал е основан во 1964 година, а многу учесници што тогаш се појавиле како неафирмирани пејачи сега се едни од најпознатите имиња на регионалната естрадна сцена. Своите почетоци на овој фестивал ги имале Жељко Самарџиќ, Лепа Брена, Северина, Слаѓана Милошевиќ и многу други. Програмата содржи две фестивалски вечери, од кои една посветена на народната, а другата на забавната музика. Во годините за време на војната, за жал, овој фестивал не можеше да се одржи во полн капацитет, исто така и за време на поплавите и за време на пандемијата на ковид-19. Сепак и во најтешките години се успевало барем симболично да се одбележи фестивалот иако без учесници. На почетокот фестивалот ги собирал младите интерпретатори од соседните градови на Маглај, за со текот на времето да се приклучат и градовите од некогашните југословенски републики. Денес „Студентско лето“ е најмоќен фестивал во БиХ, а со сигурност е еден од најдобрите во регионов и пошироко. Обединува голем број интерпретатори од цела Европа и последниве години е од интернационален карактер. Фестивалскиот оркестар е важен сегмент од овој фестивал во кој нема плејбек-пеење или на матрица.
Со кои новости ќе го дополните годинешново издание и што ќе ѝ понудите на публиката?
– Фестивалот не трае само две вечери. Се почнува со отворањето на манифестацијата во првата седмица на јуни, а кулминација секако се завршните вечери со народна и со забавна музика. Отворањето почнува со културни содржини, како и изданието „Мало лето“, фестивал сличен на „Студентско лето“ на кој учествуваат деца што можеби ќе бидат идни учесници и на „Студентско лето“. Програмата изобилува со музички и поетски вечери, театарски претстави, концерти и спортски активности. Лани, благодарение на спонзорите, на публиката за педесетгодишната верност ѝ доделивме патувања на различни европски дестинации, а истото тоа го планираме и оваа година. Она што е најважно, годинава имаме учесници од држави што досега не настапувале, како Велика Британија, Австрија и Словачка.
Што значи во овие времиња на напредна технологија, а од друга страна на наплив на кич и шунд да се задржат квалитетот, естетиката и професионалноста?
– Доколку на публиката ѝ се понуди квалитет, позитивните реакции ќе дојдат од сите страни. Како организатори, пример сме за многу фестивали и шоу-програми, затоа што внимаваме на сите сегменти. Квалитетот може да се одржи само со квалитет. Нашата селекција и изборот на изведувачите е навистина строг и затоа изведувачите ги избираме и преку интерен повик и преку јавен повик. Кога ќе се обедини тоа се добива совршен спој. Затоа и траеме толку долго и затоа сите со радост ни се враќаат како гости, а публиката ја полни големата сала до последно место.
Лани имаше четворица претставници од Македонија. Дали сте задоволни од соработката со македонските фестивали и воопшто со регионалните музички фестивали?
– Изненаден сум од бројот на пријави од Македонија и годинава, и тоа особено ме радува. Македонците се прекрасна нација. Драго ми е што минатата година неколкумина млади од Македонија добија награди од стручното жири, од новинарското жири, но и од публиката. Лани во Маглај македонски учесници беа Иван Илиев, Кристијан Демјански, Омар Џафероски и Јана Спирковска. Како лауреат на „Студентско лето“ и јас настапував на „Еврофест“ во Скопје. Сигурен сум дека годинава ќе го надминеме и бројот од четворица учесници од Македонија. Што се однесува за другите држави, годинава имаме голем број учесници од Хрватска, како никогаш досега, потоа Словенија, Србија, Црна Гора и, секако, Босна и Херцеговина, но очекуваме пријави и од Италија. Одлично соработуваме со фестивали од Македонија, Војводина и Хрватска и, се разбира, со неколку фестивали во БиХ.
До кога трае јавниот повик за учесници на фестивалот „Студентско лето“ и кои се критериумите што треба да ги исполнат младите што сакаат да се пријават?
– Јавниот повик трае до 24 мај, а старосната рамка на учесниците е од 17 до 30 години. Заинтересираните за учество треба да се снимат и да испратат снимка од композицијата што би ја изведувале на фестивалот, а потоа се врши селекција, при која се оценува интерпретацијата. По завршувањето на сите настапи ќе бидат прогласени и наградени најдобрите интерпретатори, односно по тројца изведувачи во двете категории по оцена на стручно жири и гласовите од публиката. Сите награди се парични.