Песната „Јутро“ на српската пејачка Јелена Томашевиќ годинава на „Охрид фест“ ќе го добива признанието „Песна за сите времиња“. Го помина тестот на времето, ни се врежа во срцата и, еве, трае скоро 20 години.
– „Јутро“ е мојата музичка лична карта, и драго и е што е прогласена за песна за сите времиња, бидејќи таа навистина е антологиска. Му благодарам на „Охрид фест“ за оваа награда! Секако таа му припаѓа и на Жељко Јосимовиќ кој ја компонираше „Јутро“, го правеше аранжманот, ама и на Александра Милутиновиќ која го напиша текстот. И благодарам на публиката која ме сака, поддржува и слуша сите овие години, и благодарам бидејќи имам за кого да пеам – вели Јелена Томашевиќ.
Таа често настапува во Македонија каде има своја публика.
– Навистина постои некоја тајна врска помеѓу македонската публика и мене, па затоа често ви доаѓам. Секако тука е и поврзаноста со вонвременскиот Тоше чија што песна „Где да одем да те не волим“ ја снимив на претходниот албум. Обожавам се кога ќе дојдам во Македонија- од луѓе, преку музика, па се до храна – открива популарната пејачка.