Големи делови од Европа беа под екстремни временски предупредувања. Топлотниот бран ги зафати јужните земји со температури меѓу 35 и 40 степени Целзиусови во делови од Шпанија, Италија и Грција. Додека во делови од други земји, како Франција и Велика Британија, се издадени предупредувања за силен ветер, дожд и грмотевици.
На почетокот на јули е забележана најтоплата недела во историјата на планетата. Европските влади и метеоролошките служби ги предупредија своите граѓани за влијанието на екстремните временски услови.

Во 15 италијански градови, вклучувајќи ги Рим и Фиренца, има црвен аларм од италијанското министерство за здравство, со совет да се избегнува изложување на сонце и топлина помеѓу 11 и 18 часот. Влијанието врз здравјето е можно не само за ризичните групи туку и за здрави и активни лица.
Во Грција, локалитетот Акропол беше затворен од 11.30 до 17.30 часот, според јавниот сервис ЕРТ, како и парковите во регионот на Атина за да се намали ризикот од пожари. Неделава се очекува благ пад на температурите, соопшти метеоролошката служба на земјата.

Во Шпанија, метеоролошката служба соопшти дека постои „сериозен ризик“ за Балеарските Острови бидејќи температурите се искачиле на 40 степени. Во ажурираното известување се додава дека периодов може да следува уште еден период на високи температури. Службата наведува дека температурите можат да надминат 42 степена.
Во Франција и во Велика Британија имаше предупредувања за невреме со грмотевици и силен дожд. Британската метеоролошка служба соопшти дека очекува „ветровити денови“, додека „Метео Франс“ издаде предупредувања за грмотевици, силен дожд, па дури и поплави.