Песната сведоштво е тука, таа, иако често напишана во прво лице, постои без да се знае кој ја напишал, зад името на светецот се проникнати и поврзани сите песни во „Течение“ и ние читателите ги доживуваме како заедништво, како круг со заеднички радиус: Светот кон тебе не бил чесен и животот твој не бил лесен, но сега сме тука, па нели сме си свои? („Како да допрам до твоето срце?“), пишува Александар Прокопиев

Знаменитостите на Македонија

Излезе во печат стихозбирката „Манастирски води – Течение“, која е петтиот колективен поетски труд на монашкото сестринство на слепченскиот манастир „Св. Јован Претеча“. Александар Прокопиев во рецензијата за оваа стихозбирка вели дека творечкиот процес „Манастирски води“ изнедрен од сестринството на слепченскиот манастир продолжува поетскиот дијалог што сестрите од манастирот, под името на светиот маченик Кипријан Слепченски, го водат поттикнати од мислите на Духот на Вистината (од деветнаесеттата до дваесет и третата во оваа книга) со своите душевни и духовни согледанија.
Како да се искажат преку стихови неизрецивите сушности на човековото срце и душа? Поезијата во „Течение“ открива скалило на поетската умешност, но плени токму искреноста на срцата и душите на нејзините авторки. Нивниот говор е сублимен во својата едноставност. Заминуваш, се оддалечуваш, но сепак си овде/ до мене, покрај мене/ ништо не те задржува Реко, реко,/ налик си на стара изрека деновите ќе поминат/ зборови Негови нема да изминат./, се вели во песната „Истекуваш“, со едноставни зборови што се способни да искажат силна поетска слика. Вдахновените поетски изливи во оваа стихозбирка течат без застој, поттикнувајќи го дејството на зборовите нахранети од верата и предаденоста. Патувам, Господи, патувам сѐ уште во оваа кожа се наоѓам/ гледам и погледнувам од патувања нешто да не пропуштам. Преполни се веќе со спомени/ овие мои сандали, добро е што грижата Твоја промисли/низ нивните дупки да протечат терети…(„Патување“). Лирското „јас“ се соочува со себепремавнувањето, за да го отстихува своето искуство во песната, но и над песната, насред патот кога доаѓаат, се пелтечат, се борат против бучавата или се пеат зборовите од Изворот (Трагаа многумина до него стигнуваа оние кои сонуваа/ далечина за малкумина,/ блискост за многумина…(„Изворот“). Се создаваат овие песни како сведоштво и поткрепа на тој пат и тоа е она што нас, читателите, нѐ допира – спокојната борба да се излезе на конечната светлина кога човечката несовршеност ќе се превладее во благодатта на Божјата милост: Подигни ме над мојот свет од падови/ заштити ме од моите понори/вера во мене да не ослаби, /надеж во Тебе да не се понижи/ љубов во моите вени засекогаш ќе струи.

Песната сведоштво е тука, таа, иако често напишана во прво лице, постои без да се знае кој ја напишал, зад името на светецот се проникнати и поврзани сите песни во „Течение“ и ние читателите ги доживуваме како заедништво, како круг со заеднички радиус: Светот кон тебе не бил чесен/ и животот твој не бил лесен/ но сега сме тука/ Па нели сме си свои? („Како да допрам до твоето срце?“).
Наспроти минливоста на животот, во она што се прима од видливиот свет се насетуваат, се наоѓаат знаците на вечното, боженското. Од тој допир се инспирира и се храни поезијата во „Течение“: Еј Ти Вишни Велики/ Ти Кој прашина од карпа измива/ не земај за зло човечки недоумици/ туку побрзај очи да очистиш, пишува Александар Прокопиев.

Во создавањето и течението на стихозбирките во циклусот „Манастирски води“ треба да се напомене дека местото на нивното раѓање е манастирот „Св. Јован Претеча“, еден од најстарите книжевни центри во Македонија, каде што особено во 14, 15 и 16 век се развива плодна и богата книжевна дејност. Токму Св. Кипријан Слепченски бил игумен во манастирот и за неговата маченичка смрт останал запис на народен говор од анонимен автор што е вметнат во „Четвороевангелието“ на Висарион Слепченски од 16 век. Не пречи да се каже дека во современата македонска поезија низа значајни поети се со потекло од демирхисарскиот крај, па и оттаму сум сигурен дека циклусот „Манастирски води“ и натаму ќе тече со истата свежост и чистина, нагласува Прокопиев во својата рецензија.

Д.Ст.


Слепченскиот манастир – еден од најавтентичните продолжувачи на делото на св. Климент и Наум

Слепченскиот манастир посветен на славниот Претеча во својата десетвековна историја дал многумина истакнати црнорисци, кои несебично се вградувале во евангелската и просветната мисија на овој стожер на словенската црковна традиција на славната Охридска архиепископија. Повеќето од нив се истакнале во препишувачката и преведувачката дејност, оставајќи зад себе богато книжевно наследство. Така, овој манастир останува запомнет како еден од најавтентичните продолжувачи на делото на славните св. Климент и Наум. Особено, пак, процветал во времето на големата агарјанска наезда, кога паствата на архиепископијата го понеле тешкиот јарем на иноверното османлиско ропство.
Научниот интерес за Слепченската обител досега главно беше сконцентриран на нејзината книжевна дејност, но овој манастир крие и една друга димензија, која секако е и примарна димензија на секој манастир. Станува збор за монашкиот живот во него и светоста, која е главна цел на секој христијанин, а особено на монахот, кој напуштајќи ги житејските грижи се стреми единствено да Му угоди на Бога – неговиот небесен Младоженец. Несомнено многумина со својот подвиг во Слепче Му угодиле на Бога, живеејќи го мачеништвото на совеста и исполнувајќи ги монашките завети.