Иако во нивната земја постои извонредна традиција на пиење кафе, Италијанците сега ќе имаат можност да пробаат малку поинаков пијалак. Имено, по различните вкусови што им се нудат на љубителите на кафето, „Старбакс“ претставува пијалак со екстра девствено маслиново масло.
Палетата пијалаци наречени „олеато“, кои содржат екстра девствено маслиново масло „партана“, прво ќе пристигнат во Италија, во САД ќе бидат достапни напролет, а во Велика Британија, Јапонија и на Блискиот Исток ќе пристигнат до крајот на годината. Има пет вкуса, вклучувајќи и лате од овесно млеко, при што „Старбакс“ тврди дека е инспириран од италијанскиот обичај да се консумира една лажица маслиново масло секој ден.
Хауард Шулц, човекот што го трансформира „Старбакс“ од регионален синџир во меѓународен бизнис и кој ќе се повлече од функцијата привремен извршен директор, рече дека идејата за кафе со маслиново масло била поттикната од едно патување на Сицилија минатата година.
– Бев апсолутно изненаден од уникатниот вкус и текстура настанати кога екстра девственото маслиново масло „партана“ беше додадено во кафето „старбакс“. И во топлите и во ладните пијалаци од кафе создаде неочекуван, кадифен, путерест вкус што го подобри кафето. Се разбира, ќе има луѓе што ќе речат „маслиново масло во кафе?“ Но доказот е во чашата. За повеќе од 40 години, не можам да се сетам на момент кога сум бил повозбуден, повоодушевен – вели Шулц.