Во Струмица се одржа третото издание на спектаклот „Гетегзитед“, со над 20.000 луѓе од целиот регион, кои се собраа во големиот струмички парк за да уживаат во уникатна музичка авантура што траеше до раните утрински часови.
– Атмосферата беше наелектризирана од самиот почеток, а толпата најпрво ја загреваа локалните актери Бонев, Попај, Дивизија, Зи, Матеј Фолц и Јанг Дади. На сцената излезе популарното македонско дуо „Два бона“, кое публиката го пречека со ентузијазам. Феноменална поврзаност со публиката следуваше кога на сцената излезе балканската трап-дива Сенида и уште од самиот старт предизвика еуфорија кај публиката. Атмосферата стануваше сѐ поенергична, а њујоршката афрохаус-диџејка Лајла Бентитез директно од Мајами на полноќ слета до центарот на забавата и дополнително ја подигна атмосферата, носејќи уникатна енергија на сцената – велат организаторите.
По феноменалната електронска увертира, технотриото „Медуза“, номинирано за „греми“, ја презеде сцената и го претвори Големиот парк во Струмица во вистински танцувачки рај. Нивниот препознатлив звук целосно ја воодушеви публиката, додека светлата и звуците совршено се вклопија во атмосферата на една незаборавна ноќ.
– Кулминацијата на најголемата летна забава ја даде електродуото „Ејент оф тајм“, кое ја држеше публиката на нозе до зори, создавајќи магична атмосфера под отворено небо. Нивната музика, препознатлива по својата динамична комбинација на мелодии и ритми, ја следеше енергијата на ноќта, а нивните најголеми хитови ја направија убавата зора уште повпечатлива и понезаборавна – велат од фестивалот.