Фото: Принтскрин

Пред крунисувањето на Чарлс Трети

Принцот Хари и неговата сопруга Меган, кои сега живеат во јужна Калифорнија, САД, ќе мора да го напуштат својот дом во Британија, што сугерира дополнително кинење на врските со кралското семејство среде подготовки за крунисувањето на неговиот татко, кралот Чарлс Трети.

Војводата и војвотката од Сасекс кога се во Лондон престојуваат во фрогмор котиџ, но им било кажано да ги соберат своите работи и да го напуштат имотот.

Веста дека Сасекси ја губат официјалната кралска резиденција во Обединетото Кралство е главна тема во медиумите, каде осамна нова кованица „фрогзит“ – заминување од Фрогмор. Слично на „мегзит“, термин што почна да се користи кога Меган и Хари ја напуштија Британија, или брегзит кога Британија излезе од ЕУ.

Куќата, на теренот на замокот Виндзор западно од Лондон, беше наменета како главна резиденција на парот пред да се откажат од кралските должности и да се преселат во јужна Калифорнија.

Според британски весници, Чарлс го иницирал процесот на иселување на 11 јануари, само еден ден по објавувањето на експлозивните мемоари на Хари.

Откритијата што Хари ги изнесе во „Резерва“ очигледно го продлабочија јазот меѓу него и неговото семејство. Во книгата тој пишува за приватни разговори со неговиот татко и со братот, принцот Вилијам.

Насловот на книгата се однесува на неговата неформална титула „резервен принц“ – за разлика од неговиот брат Вилијам, кој го носи прекарот „наследник“.

Бакингемската палата не се огласи со соопштение во врска со куќата на Хари, но ваквиот потег доаѓа само неколку недели по објавувањето на книгата и пред церемонијата на крунисување на неговиот татко во мај.

Минатиот четврток, портпаролот на војводата и војвотката од Сасекс во изјава за „Еј-би-си њуз“ потврди дека од нив е побарано да ја напуштат својата резиденција фрогмор котиџ.

Откако се иселија од Британија, Хари и Меган рекоа дека Фрогмор Котиџ ќе остане нивна база кога ќе престојуваат во Велика Британија.

Во септември 2020 година, тогашен портпарол објави дека парот вратил 2,4 милиони фунти (3,2 милиони долари) од парите на британските даночни обврзници што биле искористени за реновирање на куќата додека беа работни членови на кралското семејство.

– Парите целосно ги покрија трошоците за реновирање – изјави портпаролот тогаш.