Тркалезното лого на компанијата „Фолксваген“ е еден од најпрепознатливите знаци, не само во автомобилската индустрија, туку и како еден од симболите на 20-от век.

Но, германската компанија во блиска иднина планира да го прилагоди своето лого за новата ера на електрични автомобили.

Агенцијата „Блумберг“ наведува дека директорот за маркетинг на „Фолксваген“, Јохен Сенгпил, соопштил дека новото лого ќе дебитира уште следната година.

Според него, со оваа измена ќе се постигне „поразнобојна“ претстава за „Фолксваген“ и ќе се добие поинаква привлечност, која брендот наводно ја изгубил со тоа што станал „премногу германски“.

Освен тоа сегашното лого се поврзаува и со скандалот околу лажирањето на тестовите за издувните гасови на дизел возилата, но Сенгпил потенцира дека тоа не е единствената причина за промената.

Според стручњаците за дизајн класичното лого на „Фолксваген“ е премногу препознатливо за радикално да се менува, па очекуваат дека промените ќе бидат поблаги со цел да се добие „футуристички“ изглед.

Сличен ваков чекор претходно направи компанијата „Тојота“ која за електричните автомобили на логото му додаде синкаст ефект.