Кога ја оформував темата си велев зошто да не направам комичен пресврт на денешната светска состојба бидејќи, искрено, на сите ни треба простор да дишеме и да се пошегуваме за време на пандемијава, вели Трајковска

Евгенија Трајковска, победничка на конкурс за стрип

Студентката во прва година на Ликовната академија во Скопје, отсек графика, Евгенија Трајковска, ја доби првата награда на третиот конкурс „Лифт“ за стрип. Нејзиниот стрип „Назад во 2019-та“ е избран за најдобар меѓу пристигнатите 15 стрипа од 17 автори. Во образложението на жирито се вели дека графичка приказна на Евгенија се издвоила од сите други, дека е комплетен стрип, дело со динамична и духовита приказна и со одличен цртеж.

Кога се заинтересиравте за стрипот како уметност?
– За стрип се заинтересирав кога имав 12 или 13 години. Отсекогаш ми се допаѓаше тој формат на забава. Читав стрипови и сѐ уште читам и фасцинирана сум од сето тоа што може да се долови само со лист и рапитограф. Стрипот сакам да го развијам уште повеќе и можеби некој ден да го преточам и во анимација.

Очекувавте ли награда кога се пријавивте на конкурсот?
– Исходот што го очекувам зависи од трудот што го внесувам, а во однос на конкурсот на „Лифт“ имав цел да се посветам целосно кон оформување на стрипот навреме, со солидна тема и добра обработка. Примарна цел ми беше стрипот да ги насмее и да биде забавен за читателите. Кога ја оформував темата си велев зошто да не направам комичен пресврт на денешната светска состојба бидејќи, искрено, на сите ни треба простор да дишеме и да се пошегуваме за време на пандемијава.

Каква порака испраќаат вашите стрип-херои до читателите?
– Џин и Софиа (ликовите) испраќаат порака да не се плашиме да правиме грешки, сѐ додека учиме од нив. Не е крај на светот ако некој од нас згреши, тоа покажува дека сме луѓе.

Какво е вашето мислење за другите учесници на конкурсот на кој немаше старосна граница?
– Секогаш сум среќна да видам сѐ повеќе и повеќе луѓе што креираат и сакаат стрипови. Штета што не можеме да направиме изложба со физичко присуство, но би сакала да се запознаам со другите учесници на конкурсот.

Кои се вашите планови и очекувања поврзани со студиите и со љубовта кон уметноста?
– Имам многу за учење. Не зборувам тука во однос на материјал за испити (тоа се подразбира), туку дека уште многу треба да научам пред да бидам задоволна со моите изработки, бидејќи секогаш можеме подобро. Уметноста е секаде околу мене и секој ден дознавам по нешто ново за неа.