Во спомен на златното момче на македонскиот рокенрол

Поминаа три години од тажниот 6 јули 2018 година, кога сите не вчудовиде веста за заминувањето на Влатко Илиевски, златното момче на македонскиот рокенрол. Имаше само 33 години и многу неостварени сништа, недовршени проекти, нереализирани желби.

Неговите колеги од бендот „Морал“, чиј член беше дваесетина години, всушност таму и ја започна кариерата, Славчо Стојанов и Ивица Јорданов сѐ уште не можат да се помират со фактот дека веќе го нема ведриот лик на Влатче, кој зрачеше со убавина и од внатре и од надвор.

Во 2000 година, македонскиот рок бенд „Морал“ му понуди на Влатко Илиевски да се приклучи на бендот, а нивниот прв заеднички албум е „Кога патувам“ од 2003 година, кој веќе го носи епитетот култен. Скоро сите песни станаа хитови („Панично те сакам“, „Скопје“, „Ти си“, „Ова е Македонија“, „А ти ме убиваш“…). Во 2005 година „Морал“ беа предгрупа на концертот на „Дип Парпл“ во Скопје, а во 2018. година го издадоа и својот последен албум „Кофеин блуз“, на чии промоции во „Пивница“ и во „Станица 26“ на 28 јануари 2018 година беше и Влатче. За жал оттогаш бендот не настапил во живот.

За гитаристот на „Морал“, Ивица Јорданов, и по три години од неговто заминување, Влатко недостасува исто како првиот ден.

– Ми фалат неговите јавувања: „Кај сум јас бе Ицката” – ќе кажеше на телефон. Имаше интересен смисол за хумор, се смеевме како луди на пробите. Влатко е скопско, градско дете и беше присутен секаде, со секого во секое време. Ја знаеше секоја скопска уличка. Уживаше во животот и во тоа што го прави. Имаше несекојдневен дух и харизма, ретки се таквите луѓе. „Морал“ беше како отскочна даска за него и неговата кариера, но мора да се каже дека и „Морал“ немаше да биде тоа што е без Влатко. Неговата ведрина, енергија и харизма го освежија бендот и му дадоа свој печат. Веќе ништо не е исто без него. Ете новиот албум на „Морал“ не го испромовираме доволно, животот нѐ претекна, а имавме закажано многу концерти. Секогаш ќе недостасува, нека почива во мир… – со тага се сеќава Ивица.

И Славчо Стојанов, басистот и лидер на „Морал“, сѐ уште не може да ја прифати реалноста дека го нема Влатко.

– Три години поминаа, неговиот глас и појава се толку јаки во мојата перцепција како пред три секунди да се видовме… Влатко ја размрда зачмаената македонска жабокречина на попрок музиката како ретко кој, ама оваа земја која се оградува од своите величини на било кое поле, сѐ уште не е спремна да ги слави своите вистински вредности – малку разочарано ќе рече Славчо Стојанов.

А Влатче беше омилен не само кај публиката туку и кај колегите. Една од нив е и Наташа Крстевска – Мијата.

– Многу е голема е тагата кога знаеш дека некој кој имал уште многу да му даде на светот, не успеал да се избори со своите демони, а колегите уште чезнеат по неговото присуство. Ете јас никогаш, за жал, не сум соработувала со него, го чувствував како некој многу близок. Кога ќе се видевме и конституциски бевме слични, глави големи, очи светли, навистина си личевме. Кога слушнав што му се лучило почувствував голема болка, како братучед да сум изгубила. Знаев дека има желба уште многу да направи, жал ми е што не успеа во тоа – ни рече Мијата.

Новинарот Иван Беќковиќ е сигурен дека Влатко уште долго ќе биде дел од нашите животи благодарение на песните што ни ги остави.

– Ако, сум сигурен во нешто, тоа е дека Влатко е тука сè додека неговите песни се дел од нашиот живот. Бидејќи секој голем уметник е голем поради делото што го остава. Десетте „дискографски“ години на Влатко, колку што траеше неговата соло-кариера, за мене се една од најубавите и најтажни музички приказни создадени под ова парче небо. Како комета влезе и помина покрај нас. Ѕвездениот прав се песните што ни останаа. Како траги во бескрајот. Тие му пркосат и на времето и на просторот. А, кога ги слушаме, како да нè носат на некое друго место, каде што сите заедно сме среќни. Како што Влатко беше среќен со музиката. Во животот и во светот сè е релативно. Посебно денес, кога сите вистински врски на земјата се во прекин, знаеме дека детето со ѕвездички во очите, некаде во бесконечноста на вселената, на некоја далечна планета, го најде своето мирно пристаниште. Котвата не е спуштена. Ова е само мал тајм аут во вечноста. Малиот принц на македонската музичка сцена не е оставен, ниту заборавен. Неговите песни, всушност се импулс на неговото срце – вели Беќковиќ за кратката, но богата музичка кариера на Илиевски.

А во музичкото и животно сиви на Влатче е запишано и дека за време на својот краток живот тој постигна и освои се што можеше да се постигне. Беше и македонски евровизиски претставник, дипломиран актер, водител, долгодишен пријател на златните славејчиња…

Се надеваме дека неговиот последен музички материјал наскоро ќе ја здогледа светлината на денот, а песните што ги сними уште долго ќе нѐ потсетуваат на него. М.Т.