Церемонијата „Ем-ти-ви видеомузичките награди 2020“ ќе се одржи утре, кога најдобрите во музичката видео-уметност ќе бидат наградени за нивниот придонес во изминатава година.

Покрај вообичаените категории, вклучувајќи и изведувач на годината, песна на годината, најдобра соработка и други, Ем-ти-ви додаде две нови категории насочени кон почитување на музиката создадена среде пандемијата: најдобро музичко видео од дома и најдобра изведба во карантин.

Сепак, главната награда сè уште е категоријата музичко видео. И додека привршува времето на гласање за фановите да го изберат своето омилено видео, фаворитите се во исчекување на финалето.

А меѓу нив, Лејди Гага (34) и Аријана Гранде (27) добија најмногу номинации – по девет секоја, објави магазинот „Пипл“. Тие ќе настапат во живо со хитот „Rain On Me“ како дел од програмата на овогодинешната церемонија, која првично требаше да се одржи со ограничена публика во „Баркли центар“ во Бруклин, но наместо тоа, ќе се одржи на различни локации на отворено.

Еден од најважните настани за врвните уметници-изведувачи ќе се емитува на 30 август, во раните утрински часови недела спрема понеделник, од неколку локации во Њујорк.