Студијата била спроведена на глувци на средна возраст. Но, теоретски, одложувањето на епигенетските промени може да биде на глувци и на луѓе на која било возраст, смета Алехандро Окампо, кој бил член на тимот, додавајќи дека може да се подмладат дури и клетки од стогодишни луѓе

Најновите истражувања покажуваат дека е можно да се забави или дури да се врати назад процесот на стареење, барем кај глувците, со промени во гените, односно со поништување одредена нивна активност. Теоретски се смета дека ќе може да се предизвикаат разни видови промени што би можеле да го вратат животот на луѓето со децении наназад или, со други зборови, возрасните клетки да се вратат на ниво на ембрионални клетки.
Научниците од институтот за биолошки истражувања „Салк“ од Калифорнија успеале да манипулираат одредена активност на гени и на тој начин ги вратиле клетките на живи глувци на ниво на ембрионални клетки, забавувајќи го процесот на стареење и забрзувајќи го закрепнувањето од повреди кај глувци на средна возраст.

Научни аргументи покажуваат дека стареењето главно се одвива преку процесот наречен епигенетски промени, со кој гените може да бидат помалку или повеќе активни.
Епигенетиката е наука што се занимава со прашањето на првичните ембрионални клетки што се мултипотентни и може да создадат клетки на коскено, мускулно, нервно ткиво, по принципот ево-дево (еволуција на развој). Истражувачите заклучиле дека на брзината на промените на активноста на гените, покрај наследниот фактор, влијаат и некои фактори од опкружувањето (пушењето, загадувањето на средината, лошиот начин на живот). Тие фактори може да го забрзаат стареењето на клетките. Ако овие промени се акумулираат, нашите мускули стануваат слаби, а нашите мисли забавени, кожата ни станува збрчкана и стануваме подложни на болести. Научниците најпрво правеле експерименти на глувци, а потоа на човечки клетки создадени со ин витро. Според добиените резултати, тие мислат дека конечно може да се дојде и до работа врз клетки на живи луѓе.

– Стареењето е нешто како пластика, која може да се манипулира – вели Хуан Карлос Исписуа Белмонте, главен автор и експерт во генската студија на институтот „Салк“.
Белмонте и неговите колеги подмладиле клетки дејствувајќи на четири гени што имаат способност да се претворат од возрасни клетки во клетки на ниво на ембрион. Биле активирани четири гени. Овој метод е познат уште како „Јаманака фактори“, според истражувачот Шиниа Јаманака, добитник на Нобеловата награда во 2006 година за успешно подмладување оштетен мускул и панкреас кај глувци на средна возраст.
– Епигенетското репрограмирање е крајниот начин за да се преврти процесот на стареење. Мојата лабораторија има многу докази дека примарниот двигател на она што ние го нарекуваме стареење е тесно поврзан со карактеристики на епигенетските промени – вели Дејвид Синклер, генетичар на „Харвард“, кој не бил вклучен во студијата, но работи на слични работи.

Студијата била спроведена на глувци на средна возраст. Според Алехандро Окампо, кој исто така е член на тимот, теоретски одложувањето на епигенетските промени може да биде на глувци и на луѓе на која било возраст, а може да се подмладат дури и клетки од стогодишни луѓе. Тој и Белмонте мислат дека може да се подобрат ефикасноста и резултатите на оваа техника со повеќе истражувања, а овој начин се прави со хемикалии и е поедноставен отколку начинот со „Јаманака фактори“.
Мет Каберлајн, молекуларен биолог на Универзитетот во Вашингтон, кој го проучува стареењето, но кој не бил вклучен во овој тим, вели дека ако други истражувачи откриле дека факторите на Јаманака подмладуваат клетки, тогаш оваа студија не е изненадувачка. Тој уште вели дека оваа студија покажува дека можеби ќе биде можно не само да се забави стареењето туку и да се регулира неговата брзина.

– Ова е навистина возбудливо, тоа значи дека дури и кај постарите луѓе можеби ќе постои можност да се врати младешката функција на некои органи, вклучувајќи го и младешкиот изглед – вели Каберлајн и забележува дека резултатите од новата студија се многу слични на оние кога старите клетки, оние што ја изгубиле својата функција поради стареењето, се отстрануваат од телото од истите причини.
Мануел Серано, експерт за стареење на Шпанскиот национален центар за истражување на рак во Мадрид, вели дека е импресиониран од овие резултати.
– Целосно се согласувам со заклучоците. Оваа студија покажува дека епигенетските промени се делумно одговорни за стареењето и со репрограмирање или нивно отстранување може да се поправат одредени оштетувања – вели тој.
Но оваа студија исто така покажала и колку е тенка линијата помеѓу доброто и злото. Глувците на кои им биле направени повеќе од седум третмани развиле тумори и рак и умреле многу брзо, во рок од една недела. Кога дејствувањето било намалено на само два дена од седум, користа била поголема.

– На крајот може да се заклучи дека е добро да се работи на продолжување на човечкиот живот и на подмладување, но треба да се внимава, бидејќи ова е игра со оган. Истражувањата треба да одат во насока на продолжување на здравјето и квалитетот на животот, а не по секоја цена на продолжување на животот или на младоста. Крајна цел на истражувањата треба да биде подолг здрав живот, без болести – велат истражувачите.

Калина С. Андонова