Режисерот Жељко Мирковиќ снима документарен филм, кој од посебен агол на гледачите ќе им ги приближи животот и творештвото на неповторливиот музичар Шабан Бајрамовиќ. Насловот на филмот е „Јас сум Шабан – Ме сем Шабан“.
– Заработи милиони и сѐ потроши. Шабан низ животот го водеа љубовта и слободата – вели режисерот Мирковиќ, чии остварувања досега биле наградени со шеесетина интернационални признанија.

Филмот го работи продукцијата „Оптимистик“ и ќе трае 80 минути. Материјалот се собира веќе една деценија, а премиерата би требало да се случи до крајот на следната година. Режисерот го запознал Бајрамовиќ во 2006 година во родниот Ниш.
– Мене ме импресионираше неговата страст за слобода и желбата да живее со полни гради. Неговите песни го отсликуваат тоа – вели Мирковиќ.

Првите снимки се реализирани во 2008 година, а досега е снимен обемен материјал.
– Снимивме и некои светски и регионални ѕвезди, кои веќе не се со нас, како Есма Реџепова и Соломон Бурке од САД. Во филмот учествуваат многу познати музичари од: Србија, БиХ, Хрватска, Словенија, Македонија, Италија, Шпанија, САД… Освен во Ниш, се снимаше во Белград, Мостар, Загреб, Љубљана, Милано, Барселона и Њујорк. Идејата е снимањето да продолжи наесен, со надеж дека дотогаш епидемијата ќе заврши – се надева режисерот Мирковиќ.