Војводата и војвотката од Сасекс неодамна купија нов дом во Монтесито, Санта Барбара, еден час оддалечен од Лос Анџелес. Имотот што го купија за 14.650.000 долари е вила со девет спални соби со 16 бањи, што се наоѓа на голем имот со градина од рози, пренесува „Експрес“.

Нивниот луксузен нов дом има и други содржини како библиотека, спа, влажни и суви сауни, вежбалница, сала за игри, театар, винска визба и гаража за пет автомобили.

Меган и Хари реновираат една од гостинските куќи што се наоѓа на нивниот нов имот за потребите на мајката на Меган, Дорија Рагланд.

– Тие претвораат една од гостинските куќи во дом за Дорија – рекол извор близок на парот за весникот „Ју ес викли“.

Уште во мај, извор на британски „Сан“ открил дека парот планирал Рагланд да се пресели кај нив.

Сасексите ја одбрале Санта Барбара за да го одгледаат својот син Арчи во безбедно соседство со приватност, каде што ќе се дружат со личности од Холивуд.