Промовирани книги посветени на Михајло Пупин

По повод 88-годишнината од животот на историчарот Павле Митревски, роден во струшкото село Вишни, се објавени три негови книги, кои неодамна беа промовирани во необичен амбиент, на бродот „Асторија“ во Охрид. На промоцијата беа претставени книгите: „Михајло Пупин од Вевчани до Идвор“, потоа „Студии за Охридско-струшкиот регион“, која е всушност четврта книга по ред историски прилози, и книгата „Српски документи за историјата за Охридско-струшкиот регион од 1890 до 1940“- 2 дел, чиј коавтор е Димитар Смилевски, истакнат истражувач и автор на многу монографии за повеќе села од својот крај. Тој во исто време беше и промотор на книгата што му припаѓаат на значајното творештво на Павле Митрески, универзитетски професор во пензија.

Промоторот Ѓорѓи Тоноски истакна дека овие три книги се резултат на долгогодишната активна и плодна творечка работа на авторот и неговиот интерес за историјата и за настаните од овој крај.
– И во иднина треба да очекуваме нови дела од овој автор затоа што тој и во овие поодминати години активно истражува во наши и во странски архиви и подготвува нови книги – изјави Тоноски.

Публицистот Мишо Китаноски, во објавениот поговор на книгата за Михајло Пупин, истакнува дека Митревски е вистинскиот биограф на овој регион и оти неговите три творечки љубови се содржани во оригиналните авторски прилози од историјата, на авторовата страст за пронаоѓање и публикување историски документи за овој крај и третата авторска преокупација е целосното истражување на патот на предците на светскиот научник М. Пупин, кои тргнале од Вевчани до Идвор и во светот.
– Митрески е многу цитиран истражувач во странската литература посветена на Михајло Пупин, а книгата доаѓа во вистинско време за афирмација на неговото, но и на светското пронаоѓаштво – рече Китаноски. Ст.К.