Принцезата Хаја бинт ал-Хусеин (45), полусестра на кралот на Јордан, вчера побара од лондонскиот суд наредба за заштита на лице принудено на брак, пренесува „Брејтбарт“.

Гламурозната принцеза, која инаку е шеста сопруга на шеикот Мухамед бин Рашид ал-Мактум (70), го изнела барањето за заштита на прелиминарната расправа во Семејниот суд во Лондон. Таа побарала и старателство над нивните две деца и наредба за немалтретирање.

Нејзиниот сопруг, кој е милијардер што владее со богатиот емират на Дубаи, најнаселениот од Обединетите Арапски Емирати, не присуствуваше на рочиштето. Тој поднесе барање до Високиот суд за враќање на децата во Дубаи.

Неговите адвокати побараа од претседателот на Семејниот суд, сер Ендрју Мекфарлејн, да го ограничи известувањето за случајот, што Мекфарлејн го одби дозволувајќи им на медиумите да откријат што бара принцезата. Во заедничката изјава за постапката претходно овој месец, парот рече дека постапките се однесуваат на благосостојбата на нивните две деца и не се однесуваат на развод или финансии.

Повеќе од 1.800 налози за заштита на лица во принуден брак се издадени меѓу 2008 и 2018 година за да се спречи оваа незаконска практика. Велика Британија ги забележа своите први успешни гонења минатата година.