Медицински феномен

Името на Хенриета Лакс е зaпишано во медицински учебници, а нејзините „бесмртни“ ќелии веќе со децении се користат исклучиво за важни медицински цели. На оваа Афроамериканка од сиромашно семејство со потекло од Вирџинија, која пораснала на плантажите за тутун, ѝ бил дијагностициран карцином на грлото на матката на почетокот на 1951 година, кога имала 30 години.
Таа била упатена на зрачење, а за време на третманот, од неа биле земени уште два примерока од клетките и му биле предадени на американскиот научник од германско потекло Џорџ Ото Геј. Во тоа време, Ото Геј ја основал Лабораторијата за култури од ткива и дизајнирал неколку уреди, кои помогнале во лабораториското развивање на клетките, па, така, тој започнал да ги „расте“ клетките на ракот од грлото на матката на Хенриета, пренесе порталот „Сајенс“.

За разлика од претходните обиди за одгледување клетки, кои тој успеал да ги одржува во живот само неколку дена, Геј открил дека некои од клетките на Хенриета постојано растат и не умираат по неколку поделби, па со нивното размножување успеал да создаде клеточна линија. Во октомври 1951 година, Хенриета Лакс починала од карциномот, кој метастазирал низ целото тело, но нејзините клетки формирани од примерокот на ткивото сè уште се размножуваат, живеат и умираат во лабораторија. Синџирот на овие клетки стана бесмртен, тој се одржува со децении и е познат како клеточната линија ХеЛа.

Освен фактот дека податоците за култивирање на бесмртните клетки е фасцинантен, суштината на нивното одгледување е дека тие се користат за голем број медицински тестови. Во следните години, на пример, тие беа користени за да се направи вакцина против детска парализа, која беше тестирана на нив. Потоа, ХеЛа-клетките беа првите човечки клетки што беа успешно клонирани во 1955 година и во тоа време веќе беа во масовно производство и истражувачите сè повеќе ги бараа. Тие исто така беа користени за да се испитаат сидата, ефектите од разни лекови и хемикалии, карцином и голем број други болести.

Благодарение на нив, научната заедница има добиено околу 11.000 патенти и досега се одгледувани околу 20 тони ХеЛа-клетки. Иако не се знае точно каде е гробното место каде што е погребана Хенриета Лакс, на подоцна поставениот надгробен споменик е напишано дека нејзините бесмртни ќелии ќе продолжат да му помагаат на човештвото засекогаш.