Јовче Даскаловски е најдобриот даунхил-велосипедист во Македонија. Тој годинава триумфира на „Пелистер даунхил-купот“

Даунхил е спуст со посебен велосипед на планина по одредена патека. Во даунхил влегува исклучиво спуштање со велосипед. Ова е еден од најекстремните адреналински спортови. Овој термин генерално го знаат оние што практикуваат возење велосипед и што имаат пасија за планина, вели Јовче Даскаловски, кој годинава триумфира на „Пелистер даунхил-кап“.
Клубот Екстрим бајк тим Битола го пушти првиот чекор во овој спорт кај нас и досега има организирано осум трки во 12-те години постоење.
– Се навлеков на даунхилот на првата трка во 2008 година на Пелистер организирана од нашиот клуб. Тоа беше нешто ново, дотогаш невидено. Даунхилот како спорт со неговото практикување ми ја дава најпозитивната енергија, еден вид здрава дрога, и создава опасна зависност од адреналин – вели Јовче.
На Пелистер има одлични терени за изградба на велосипедски патеки за даунхил-спуштање, но не се во добра форма, затоа што одржувањето чини пари.
– Нашата даунхил-патека, која се наоѓа со стартна точка на Копанки и со цел на детското одморалиште, ја градиме веќе 11 години. Многу работа, труд од цел тим, и тоа нема крај, бидејќи е потребно континуирано надградување на неа, од типот на нови скокови, кривини, нови делови итн. Дека Пелистер и нашата патека се број еден во нашата држава на тоа алудира нашиот најмасивен бајкерски даунхил-клуб на Балканот, со над 40 активни членови – вели потпретседателот на Екстрим бајк тим Битола.

Тој додава дека претежно возат на Водно, во Прилеп на патеката Топташ и секаде каде што ќе „намирисаат“ добра патека.
– Секоја година правиме план на кои трки низ Балканот ќе настапиме како тим. Досега успешно сме презентирани во повеќето балкански држави и веќе сме препознатливи во тој круг луѓе – додава Даскаловски.
За една доза даунхил-спуст се потребни добра исхрана, физичка подготвеност, солидно истегнување на телото, проверка дали велосипедот е во топ форма.
– Дефинитивно најбитна е заштитната опрема, шлем, заштитен костим, штитници за колена, нараквици, очила и на крајот добра облека, која помага во случај на несакан пад. Еден даунхил-бајкер треба да е физички одлично подготвен. Не е можно напредно возење без физичка подготвеност, народно кажано ќе ти избега велосипедот од раце. Битни се и агилноста и вештината на самиот бајкер. Ова е битно во случај на пад, како ќе се снајдеш за да го ублажиш ударот зависи од овие две работи. Тромав бајкер е само за на корзо. Концентрацијата и фокусот се клучни во целата оваа приказна, умот работи 300 на саат додека се спуштате по патека – објаснува тој.
Според него, конкуренцијата на Балканот е голема.

– Бугарија и Грција имаат многу поголеми услови за тренинг, многу поголема финансиска поддршка. На ниво на нашата држава, конкуренцијата е добра и тука има околу десетина даунхил-велосипедисти што сме на доста солидно ниво. За тоа може да се зборува многу, бидејќи нашите ормани се полни и со медали од победи насекаде низ Балканов. Имаме настапи со освоени места во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Грција и во Бугарија. Тоа е одличен резултат и огромно постигнување, но, за жал, досега никој од побитните фактори во државава не го забележал тоа – вели Јовче.
Во иднина остануваат уште многу предизвици, планини, патеки, спуштања, а во план е и европско првенство на Пелистер.