Новиот албум на Влатко Стефановски – „Taftalidze Shuffle“, кој го издаде „Кроација рекордс“, се најде на врвот на официјалната листа на продажба на албуми во Хрватска, оставајќи ги зад себе: „Црвена јабука“, Бајага, Божо Вреќо, Амира Медуњанин…, реизданијата на „Мајке“, „Пипс, чипс и видеоклипс“, Дискобиографијата на Габи Новак… Успехот на Стефановски кореспондира со неговиот статус на легенда во целиот регион и е големо признание за македонската музика воопшто. Особено претставува феномен тоа што албумот е отпеан на македонски јазик, што го прави посебен и ексклузивен.
На новиот албум Влатко е придружуван од подмладеното трио. Во новата ритам-секција членуваат басистот Иван Кукиќ и неговиот син Јан Стефановски на тапани. Иако се млади, звучат со полн ентузијазам и шират оптимизам и енергија.
„Taftalidze Shuffle“ е сниман во домашното студио на Влатко – „Езотерија“, додека миксот и мастерингот се работеше во студиото „Тра ла ла“ на Мите Димовски.

На албумот има и многубројни гости, кои уште повеќе ги облагородија музиката и стиховите на Стефановски. Најмногубројни се клавијатуристите: Дамир Имери, Кирил Џајковски, Диран Тавитјан, Тихомир Поп Асановиќ, Матија Дедиќ и Васил Хаџиманов.
Придружните вокали ги пееше Андријана Јаневска, додека познатиот кавалџија Теодосиј Спасов во една песна свири труба. Меѓу гостите на албумот е и актерот Никола Ристановски, кој во песната „Дијаспора“ има мал речитатив.
Според музичката критика, „Taftalidze Shuffle“ претставува извонредна колекција на вокални и инструментални теми на Влатко, низ кои бојата на неговата гитара е нешто што вечно останува во меморија на слушателот.
Албумот содржи девет теми: „Taftalidze Shuffle“, „Funky junkie“, „Игранка“, „Гаража“, „Global Warming – local freezing“, „Огледало“, „Немам песна за тебе“, „Раскрсница“ и„Дијаспора“.
Освен на компакт-диск, „Taftalidze Shuffle“ на Влатко Стефановски деновиве „Кроација рекордс“ ќе го објави и на винил.