Џејмс Ган, режисер на претстојниот трет филм „Чувари на галаксијата“ и „Одред самоубијци“, изјави дека ниту еден филм нема да го зафати бранот одложувања поради пандемијата на коронавирусот.

Одговарајќи на прашањата на обожавателите на својот профил на Твитер, Ган рече дека новиот филм „Одред самоубијци“ на „Ворнер Брос“ и „Ди-си комикс“, ќе почне да се прикажува според планираното, на 6 август 2021 година.
– Нема причина да се одложи датумот на премиерата на „Одред самоубијци“. Имавме голема среќа што завршивме со снимање, монтажа од нашите домови и постпродукција пред карантинот – вели Ган и додава дека сè се одвива според предвидувањата.

А што се однесува до новото продолжение на „Чувари на галаксијата“ – проект на студиото „Марвел“ – Ган на својот Твитер напиша дека сите подготовки се одвиваат како и пред избувнувањето на коронавирусот.