Со изложбата „Метаморфоза“ на уметникот Бојан Ковски во МКЦ се одбележуваат пет години од почетокот на неговото творештво во бодиарт-уметноста.
Целта на изложбата е да ја прикаже психата на луѓето и како секоја промена ги прави поинакви од она што биле во минатото. Што би било доколку секоја наша промена се отсликува на нашето тело? Ова е прашањето што уметникот си го поставувал при изработката на делата за оваа изложба, сакајќи да ги поттикне посетителите да се замислат и запрашаат како тие самите се менуваат и што би сакале да станат. Наедно, како прва изложба од овој тип во нашата држава да го насочи вниманието на нашето општество кон оваа гранка од уметноста.
– Метаморфозата е биолошки процес низ кој поминуваат некои животни, особено инсекти, и притоа го менуваат однесувањето. Сите ја знаеме трансформацијата од ларва кон пеперутка и тој процес е бавен сѐ додека не заврши целосното оформување до зрелост за полет низ животот. Човековите метаморфози често се случуваат во сонот, но стануваат и желба за стварност, па, така, низ самоконструкција се испреплетуваат во конечна слика на плуралното либидо – вели Дијана Томиќ Радевски, кураторка на изложбата.
На изложбата се презентирани десет платна со бодиарт и две живи скулптури – изработени во соработка со десет фотографи и десет модели.
На отворањето, во петокот, со свој диџеј-сет се претстави Мартина Пенева, а беше претставен новиот веб-сајт www.kovski.art, на кој е прикачен и каталогот од самата изложба.
На промоцијата присуствуваа и моделите што беа дел од проектот: Ана Ежова, Каљтрина Круезиу Балаш, Харис Салкоски, Марија Лазарова, Ана Стојановска, Ангела Стојановска, Жарко Донински, Никола Коцев, Гоце Маротов и Ендру Кук.