„Поштата на Северна Македонија“ во соработка со Сојузот за грижи и воспитување на децата на Македонија, а по иницијатива од Светскиот поштенски сојуз и оваа година го организираше натпреварот за најдобар литературен состав, по повод 9 октомври, Светскиот ден на поштата. Темата што беше зададена од Светскиот поштенски сојуз за оваа година е „Напиши порака до возрасните за светот во кој живееме“.

Комисијата во состав: Горјан Петревски, писател и претставник од Сојузот за грижи и воспитување на децата на РМ, Мустафа Ибраими, универзитетски професор, Марија Таушанска, уредничка на списанието за деца „Колибри“ во дневниот весник „Нова Македонија“, и Валентина Цветкоска, додели награди за прво, второ и трето место, а две литературни творби беа пофалени.

Најдобриот состав, писмото на Јана Поповска од ОУ„Елпида Караманди“ од Битола е испратено до Меѓународното биро на Светскиот поштенски сојуз во Берн, Швајцарија, каде што ќе се натпреварува со другите литературни состави од сите земји-членки на Светскиот поштенски сојуз.

Тодор Пењушков од ООУ „Димката Ангелов Габерот“ во село Ваташа, Кавадарци, го освои второто место, а третата награда и припадна на Ела Мустафи, ОУ „Башкими“, Гостивар. Пофалени ученици се: Михаил Цаковски, ОУ „Елпида Караманди“- Битола и Мерита Исаки, ОУ „Фан Ноли“, с. Требош, општина Желино.

Светскиот ден на поштата се прославува секоја година на 9 октомври, а целта на овој литературен конкурс е да се подобрат уметноста за пишување и вештините за изразување, а во исто време и да се негува традицијата за пишување писма. Одлуката за прослава на Светскиот ден на поштата е донесена на конгресот на Светскиот поштенски сојуз во Токио, во 1969 година. М.Т.