Се чини дека соништата станаа многу почудни за време на пандемијата, па Лондонскиот музеј одлучи да ги собере најчудните соништа на граѓаните и да ги вклучи во колекцијата што зборува за тоа како коронавирусот влијаеше на соништата.
Во проектот наречен „Чувари на сонот“ се повикуваат граѓаните да стапат во контакт со Лондонскиот музеј и да ги раскажат најбизарните соништа што ги сонувале од март 2020 година.
– Спиењето е една од првите работи што се променија и се нарушија веднаш по прогласувањето на пандемијата на коронавирусот. Сакам да го забележам начинот на кој пандемијата влијаеше не само на нашата свест туку и на нашата потсвест – вели кураторката Фотеини Аравани.

Тим од музејот ќе собира соништа до 15 јануари 2021 година. Сите оние што се заинтересирани можат да ги достават своите соништа во аудио, видео или во пишана форма.
– Соништата на лондонци собрани за време на пандемијата ќе бидат вреден извор на информации за идните историчари, научници и уметници заинтересирани за тоа како влијаела пандемијата не само на нашите будни мисли туку и на нашите најдлабоки искуства од соништа и кошмари – вели професорот по психологија на лондонскиот универзитет „Кралицата Мери“, Валдар Нореика.