Посрамениот актер Кевин Спејси неодамна ги спореди тешкотиите на милиони кои останале без работа поради епидемијата со сопствената невработеност, како резултат на обвиненијата за сексуално вознемирување од страна на десетина мажи, пренесува „Хафингтон пост“.

Во 2017 година, актерот Ентони Рап изјави дека Спејси му се додворувал кога тој имал 14 години. Другите обвинувачи се појавиле потоа, а Спејси остана без ангажманот во тв-серијата „Куќа од карти“ на Нетфликс.

– Мојот свет целосно се смени во есента 2017 година. Мојата работа, многу од моите односи, мојата положба во индустријата исчезнаа за само неколку часа – рече Спејси во видеообраќањето на Јутуб за одредена германска деловна конференција, објавено минатиот месец.

– Во овој случај, сметам дека знам какво е чувството кога ненадејно ќе запре вашиот свет. И така, додека можеби се најдовме во слични ситуации, иако поради сосема различни причини и околности, сепак чувствувам дека некои од емотивните борби се сосема исти. Поради тоа, сочувствувам со оние на кои им кажале дека не можат да се вратат на работа или дека ќе ја загубат работата, како и дека тоа е ситуација врз која немате апсолутно никаква контрола – вели Спејси.