Местото за кое многумина сонуваат, место со бесконечна природа и природни чуда, интересна култура и авантура е Исланд, едно од оние волшебни места на Земјата што дефинитивно треба да се видат во живо барем еднаш. Во последниве години, Исланд бележи многу голем и брз раст на туризмот, што не помина без последици. Од една страна, економијата почна сѐ повеќе да се потпира на туризмот, а од друга страна, масовниот туризам започна да има последици врз екосистемот.
Исланд, по 10-месечна пауза предизвикана од пандемијата, сега се подготвува за нова ера за која се надеваа дека ќе биде поодржлива од порано. Целта е да ги охрабри луѓето да патуваат побавно и да останат подолго, а нивниот план е да го искористат своето најголемо богатство – просторот. Слично на дестинациите како Венеција и Амстердам, кои забележаа намалено загадување на животната средина во 2020 година, Исланд доживеа неколку добри работи за една година со помалку посетители. Управата на национален парк „Тингвелир“ тврди дека по патеките за шетање има помалку ѓубре.
– Растот на бројот на посетители беше пребрз до 2019 година и се приближувавме кон работ на сериозно неодржлив развој. Среќни сме што Исланд е релативно голема земја, па затоа е можно да се дистрибуира сообраќајот порамномерно отколку порано – вели Триги Феликссон, туристички водич и претседател на „Ландвернд“, исландска асоцијација за животна средина. За разлика од многу други дестинации, Исланд ги зголеми своите инвестиции во туризмот за 40 проценти во 2020 година.

Инвестирана е значителна сума за подобрување на инфраструктурата во туристички места како кањонот Стуглагил, кој стана популарен благодарение на социјалните медиуми.
Покрај тоа, парламентот во моментов расправа за предлогот за воспоставување национален парк во планинските делови на земјата, што би опфатил и заштити околу 30 проценти од територијата на земјата.
Главниот град не е занемарен во целата приказна. Напролет во Рејкјавик ќе се отвори нова геотермална плажа „Скај лагуната“, еден од најголемите туристички проекти на Исланд вреден 31 милион долари, што може да биде алтернатива на познатата Сина лагуна. Сместувањето на оддалечени локации се охрабрува, така што за сите оние што сакаат да бидат во контакт со природата далеку од метежот, новоотворениот хотел „Бабл“ е одличен избор. Тој нуди спиење во една од 18-те проѕирни куполи со поглед на поларната светлина, а се протега на две шумски, оддалечени локации. Покрај тоа, во близината на најголемиот европски глечер во националниот парк „Ватнајкакул“, следната година треба да се отвори комплекс со 70 соби и приватни куќи изградени од обновливи материјали и распослани на 1.600 хектари. Зачувувањето на животната средина при продолжување на економскиот раст останува предизвик во оваа земја.