Од Мадона до Ијан Браун, постои причина зошто лудите теории за Џон Ф. Кенеди и 5Г-технологијата им се привлечни на музичарите

Автор: Доријан Лински

Гардијан

На поп-фестивалот во Монтереј во 1967 година, Дејвид Крозби од „Брдс“ ја почести својата публика со своите размислувања за убиството на Џон Ф. Кенеди.

– Не беше убиен од страна на еден човек, туку беше застрелан од неколку различни агли со различно оружје. Приказната беше заташкана, а сведоците убиени и токму во ваква држава живеете – порача Крозби.

Овој настан веројатно беше првпат во јавноста еден музичар да зборува за теории на заговор и воедно беше причината поради која Крозби беше избркан од бендот.

– Не знаеше ништо повеќе од сите обични луѓе. Само сакаше да се направи интересен на сцената – негодуваше лидерот на бендот Роџер Мекгвин.

Денес во музичкиот свет има многу вакви ликови кои сакаат да бидат интересни и поради нивните идеи за тајни заговори. А оние на Крозби се „ситна боранија“ во споредба со нив. Ковид-19 поттикна лавина на теории на заговор кои неретко ги вклучуваат и 5Г-технологијата, Бил Гејтс, Светската здравствена организација и микрочипирањето. Музичарите кои ги споделуваа се Мадона, Ијан Браун, МИА, Ајс Кјуб, Виз Калифа, Рајт Сед Фред, Џим Кор, Мет Џонсон од „Д“ и Матија Буена од „Шугарбејбс“. Роби Вилијамс, во меѓувреме, изрази задоцнет интерес во теоријата за „пицагејт“ од 2016 година. Тој во јуни кажа дека „ништо не било разјаснето“, небаре на тврдењата за белите врховисти, за тајни кругови за педофилија во пицерија во Вашингтон, им беше потребна дополнителна истрага.

Тешко е да се генерализира трендот кој е заеднички за МИА и за Рајт Сед Фред, но постојат неколку причини зошто поп-ѕвездите ги привлекуваат вакви фантазерски размислувања. Музиката привлекува неверојатни таленти и аутсајдери. Во типичниот психолошки профил на еден теоретичар на заговор, поточно на арогантна, тврдоглава и горда кривоверна личност, спаѓаат многумина артисти. Некои се самоуки и ги привлекуваат сочните, тајни детали кои не можат да се дознаат преку водечките медиуми додека не поседуваат аналитички алатки неопходни за прецизно расудување. Со оглед на тоа што музичарите кои пројавија интерес во политиката генерално се левичарско ориентирани, неизбежно е дека малцинството ќе се насочи кон екстремните краеви. Ако доволно сте запознаени со реалните заговори, како оние во кои се вклучени ФБИ и ЦИА, тогаш привлечни стануваат оние кои не постојат. Прекумерното пушење на марихуана може да има свој удел исто така.

Кога ќе поминете одредена граница во надреалното, сите предизвици се чинат дека се доказ за постоењето на теориите на заговор. Честопати и не постојат толку предизвици. Во една понаивна ера, кога теориите на заговор се сметаа за безопасна ексцентричност што лесно се продава во медиумите, новинарите ќе им поставеа контроверзно прашање на музичарите кои на долго и на широко го споделуваа своето мислење. Се сеќавате на хемиските траги на небото што ги испушта некаков авион? Тогаш сè беше поедноставно. Членовите на бендовите и вработените се склони кон игнорирање. Колку некој е попознат и побогат, толку се помали шансите дека некој во негова близина ќе се обиде да му ги отвори очите и да не се занимава со глупости.

Сегашниот процут на паранојата е предвидлив резултат на тоа што премногу луѓе во изолација не располагаат со вообичаените извори на приходи и навнимание. Но дали музичарите се навистина толку исклучителни? Не само тие, туку актери и телевизиски ѕвезди се занимаваат со теории на заговор за ковид-19, покрај академици, возачи на „убер“ и водоводџии. Разликата е само во публицитетот. Мадона ќе добие поголемо внимание од вашата тетка на Фејсбук. Ако сè се земе предвид, ќе изненади фактот што во музиката нема толку многу теоретичари на заговор, туку само неколку.

Превод: Билјана Здравковска