Мачките го попримаат расположението на сопствениците

Мачките се едни од најсовршените миленици речиси во секој поглед, особено поради фактот што умеат да бидат емпатични. На многумина, особено на оние што никогаш не чувале мачки, можеби ќе им биде чудно, бидејќи прво што ќе им падне на ум е дека мачките често се карактеризираат со лицемерство и подмолност. Но сопствениците на мачки имаат сосема поинаква теорија и тврдат сосема поинаку. Според нив, овие животни се способни да ги утешат кога се тажни или да бидат покрај нив кога се болни и уморни.
На универзитетот „Нотингем Трент“ минатата година е направено истражување на 3.330 мачки и нивни сопственици за да се докаже оваа теорија. Се покажало дека во најголем број случаи и мачките го рефлектираат расположението на сопствениците, но имало и обратни ситуации.

Всушност мачките што биле чувани од тажни, депресивни и меланхолични сопственици, иако им влијаеле позитивно, и самите ги попримале ваквите карактеристики. Од друга страна, слично се случувало и кај расположените и среќни луѓе што чувале темпераментни и непредвидливи мачки. Односно среќните луѓе обично чувале темпераментни и весели мачиња.
Ова се резултатите од искуствата на сопствениците на мачки. Но истражувањето покажало дека речиси сите опишале карактер на својот миленик што е ист со карактерот на сопственикот.