Фестивалот „Егзит“, во партнерство со Светската програма за храна на Обединетите нации, најголемата хуманитарна организација на светот, го почнува проектот „Лајф стрим“, чија цел е со заеднички сили да им се помогне на милионите луѓе низ планетата што поради пандемијата на ковид-19 дојдоа до раб на екстремен глад. „Лајф стрим“ ќе ги собере големите светски и регионални музички имиња, кои од 3 до 6 септември годинава ќе настапат на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, за милионската публика преку интернет. Посебен сегмент од проектот ќе биде посветен и на промоцијата на локацијата пред публиката низ планетата.

Основачот и директор на фестивалот „Егзит“, Душан Ковачевиќ, вели дека е исклучителна чест да се воспостави соработка со толку значајна хуманитарна организација како што е Светската програма за храна на Обединетите нации, која секоја година спасува животи на милиони луѓе во светот. „Лајф стрим“ ќе биде реализиран како четиридневен онлајн фестивал, пренесуван од фамозната „Денс арена“ на „Егзит“, на која ќе настапат големи имиња на светската и регионалната сцена. За време на настапите на изведувачите ќе се емитуваат видеоматеријали и пораки што говорат за заштита на околината и за кризата со глад.