Меѓународениот детски фолклорен фестивал „Оро без граници“ ќе се одржи по 28 пат и ќе трае од 19 до 22 септември, во организација на детскиот културен центар „Карпош“. 

Како што информираат од ДКЦ, во досегашното одржување на фестивалот, градот Скопје и земјава биле домаќини на повеќе илјади странски и исто толку домашни деца-фолклорци.

– На фестивалот се поканети гости од Србија-Јагодина, Грција, Словачка и Турција, а покрај гостите од странство ќе учествуваат и македонски ансамбли – се наведува во соопштението за „Оро без граници“.

Централниот настан ќе се одржи на 21. септември (сабота) на плоштадот „Македонија“ од 18.30 часот, а фестивалот ќе го отвори Директорката на ДКЦ „Карпош“, Билјана Лалчевска Серафимовска.

Фестивалот ќе започне со најпознатите македонски игри и ора, кои ќе ги изведат членовите на играорната секција од ДКЦ „Карпош“.

Децата-играорци преку шаренолкоста на костимите и оригиналноста во кореографските движења ќе ја претстават традицијата и културата на својата земја и по 28. пат ќе формираат едно големо „Оро без граници“.

Покрај официјалниот дел, на странските гости ќе им бидат претставени и атрактивни локации во Скопје: Зоолошката градина, Музејот на илузии, Старата Скопска Чаршија и знаменитостите на градот.