Втора година едноподруго љубителите на планинските адреналински спортови и рекреативците ќе можат да уживаат во убавините на крушевските предели. Оваа година фестивалот „Вен ин Крушево“ или „Кога во Крушево“ ќе се одржи од 29 јуни до 1 јули.
Понудата на интересни тури и активности вклучени во картата од 400 денари е збогатена со уште повеќе содржини, па сега покрај стандардните планински и велосипедски тури, ќе има и планинска трка, јога и кросфит-часови, гастрономска тура, посета на три музеи меѓу кои се „Македониум“, Спомен-куќата на Тоше Проески и легатот на Мартиноски, нуркање и извиднички курсеви за најмалите.
– Обезбедени се и други адреналински содржини по промотивни цени, па посетителите ќе може да уживаат и во тандем-параглајдинг, кајакарење и сурфање на штица, како и многу други активности во живописните планински предели на преубавото Крушево. Секако, вечерните часови се резервирани за добрата забава и за дружење, а оваа година звучни светски и домашни имиња ќе се погрижат посетителите да имаат незаборавен викенд под отворено небо.

Греми-наградените реге-изведувачи „Инер сркл“ се главните носители на програмата. Тие ќе настапат во сабота, 30 јуни, кога пред крушевчани ќе ги изведат своите најголеми хитови – ни рече Димитар Ангелкоски, еден од организаторите на овој интересен настан.
Фестивалот во петок вечер официјално ќе го отворат Игор Џамбазов и Гуру Харе, а програмата е дополнета и со настапите на диџеј Крејзи Славе и Балкан Џам. Во сабота вечер ќе може да се гледа и четвртфиналниот натпревар од Светското првенство во Русија, а потоа за добрата забава ќе се погрижат групата „Бета хаус“, диџеј Томе Рутбој и други локални диџеи.
– За големиот број заинтересирани учесници ќе биде обезбедена посебна камп-зона со сите потребни услови, а секако на располагање ќе бидат и приватните и хотелските капацитети во Крушево. Цената за тридневното незаборавно искуство е 400 денари, а пријавувањето можете да го направите на веб-страницата http://wheninkrusevo.mk/ – информираат организаторите на „Вен ин Крушево“.