Филмот „Дина“ ќе биде достапен и преку стриминг-сервисите

„Ворнер брос“ им зададе дополнителен удар на американските кина откако објави дека сите негови нови филмови истовремено ќе може да се гледаат и преку стриминг. Овој потег ќе им овозможи на љубителите на филмовите да ги гледаат „Дина“ и „Матрикс 4“ на „Ејч-би-оу макс“ паралелно со нивното излегување во кината, пренесуваат светските агенции.

Ова ќе ја промени досегашната пракса новите изданија прво ексклузивно со месеци да се прикажуваат во кината. Филмските студијата имаат големи загуби како резултат на повеќемесечното затворање на кината поради пандемијата со ковид-19 и не се знае кога ситуацијата ќе се подобри на тој план.

Со новата одлука на „Ворнер брос“, сите премиери на нивните филмови предвидени за 2021 веднаш ќе се најдат во понудата и на „Ејч-би-оу макс“, каде што ќе може да се гледаат само еден месец.

Освен „Дина“ и „Матрикс 4“, чии премиери веќе беа поместувани, се очекува „Ворнер брос“ слична одлука да донесе и за „Мортал комбат“, „Годзила против Конг“ и „Одредот на отпишаните 2“. „Ворнер брос“ ќе ја почне оваа пракса уште годинава со блокбастерот „Вондер Воман 1984“.