Пандемиите не само што имаат моќ да одземат илјадници, па и милиони животи, туку тие ја имаат моќта да го сменат текот на историјата. Постојат ужасни примери кои покажуваат како луѓето реагирале на ваквите закани низ вековите. Овие темни поглавја на човечката историја можеби звучат како страшни приказни за мали деца, но тие се исто толку важни, бидејќи откако се пронајдени средства за нивно запирање, лекарите научиле вредни лекции во борбата за спасување на човековите животи, пишува „Винтиџ њуз“.

Пандемиите во минатото

Денес, светот е подобро подготвен за справување со пандемиите отколку во минатото. Античките цивилизации несвесно и ненадејно се судирале со најсмртоносните инфекции.

Големата чума во Атина во 430 п.н.е. не само што го опустошила градот, туку се случила само една година од почнувањето на пелопонеската војна, воениот судир меѓу Спарта и Атина. Симптомите вклучувале треска, жед, крварење на грлото и јазикот, отоци и пликови на кожата. Нема сомнение дека големата чума го сменила текот на војната, или барем делумно влијаела врз поразот на Атина, но и значително го обликувала мирот кој следувал потоа. Исто така, чумата посеала семе кое прво ја ослабнало, а потоа и уништило тогашната атинската демократија. Кошмарот за Атина траел четири години, а за што всушност станувало збор, за сипаници, тифус или бубонска чума, се уште не се знае.

Првите карантини и изолација

Зборовите како карантин или изолација се секојдневни во модерната доба. Но, од каде потекнува ваквата идеја? Венециските трговци имале чуено за методот за изолација, користен од Персиецот Ибн Сина, кој верувал дека микроорганизмите се одговорни за пренесување на болестите. Така, кога властите во градот Рагуза чуле за ова, донеле цврста одлука да контролираат кој слегува од бродовите на пристаништата. Прво, морепловците биле држени на бродовите 30 дена, период познат како „трентино“. Но, со текот на времето Венеција го продолжила овој период на 40 дена или „карантино“, што е и корен на зборот карантин. Во Лондон исто така имале мерки за спречување на чумата, со тоа што ги изолирале луѓето во нивните домови. Вратите биле обележувани со црвени крстови, а доколку некој заболен излегувал од домот, тој задолжително носел бел стап што било показател дека живее во домаќинство во кое има чума.

Чумата на Јустинијан (541 -542 година), Црната Смрт (1347 – 1353) и Големата Чума во Лондон (1665 – 1666) се чинат како посебни случаи. Тие, всушност биле манифестација на иста болест. Чумата била пренесувана заедно со транспортот на жито, ширејќи се преку стаорците кои патувале на бродовите. Тие имале болви, кои всушност биле преносители на чумата. Чумата го опустошила Константинопол, а се верува дека од неа во тој период умреле над 50 милиони луѓе, а за време на пристигањето во Европа, „црната смрт“ однела рекордни 200 милиони животи. Бактеријата зад оваа пандемија е „Јерсинија пестис“, а симптомите вклучуваат болки во стомакот, треска и гангренска кожа.

Првите вакцини и подобрена санитација

По вековите агонија предизвикана од страна на пандемиите, луѓето добивале повеќе знаење и методи како да се справат со болестите и ширењето на чумите. Дистанцирањето од заболените бил најчест метод. Сепак, првите вакцини биле откриени дури во 1796 година.

Англискиот доктор Едвард Џенер е првиот кој направил голем чекор во искоренување на сипаниците. Симптомите и маките на оваа болест биле секојдневие на голем број луѓе дотогаш. Тој забележал дека селанките кои чуваат говеда се отпорни на сипаници, бидејќи имале вирусно заболување кое наликува на мали сипаници. Со правење експеримент врз 9-годишно дете, тој преку вакцина го изложил на мали сипаници, со што тоа стекнало имунитет против големи сипаници. До 1980 година, епидемијата од сипаници била значително искоренета.

Иако карантинот и вакцините беа значаен напредок во борбата против пандемиите, недостасувал уште еден дел од сложувалката – јавното здравје. И покрај тоа што болестите низ вековите не биле веднаш искоренети, откритијата на одредени големи умови значително помогнале во борбата против безмилосните пандемии.