Филмот снимен во 1994 година, „Бегство од Шошенк“, корисниците на најголемата интернет-база на филмови ИМДБ (Интернет муви датабаза) го избраа за најдобар филм на сите времиња, а во годината кога е произведен ништо не навестуваше дека ќе биде така.
Имено, уште со изборот на глумците настанаа проблеми, а самото снимање го обележија караници. Освен тоа, во филмот беа вложени 25, а заработи само 18 милиони долари, имаше седум номинации за „оскар“ и две за „златна палма“, а не доби ниедна статуетка. Така беше тогаш, а денес „Бегство од Шошенк“ е на врвот на листата на 250 најомилени филмови на ИМДБ, со повеќе од милион гласа.
Ова е деби на режисерот Френк Дарабонт, а во главните улоги играат: Тим Робинс, Морган Фримен, Вилијем Седлер, Џил Белоуз, Џефри де Мун…
Филмот е снимен врз основа на книгата „Годишни времиња“ на Стивен Кинг, во која првата од четирите приказни е насловена: „Пролет: надежта умира последна: Рита Хејворт и искупувањето во Шошенк“. Според една анегдота, режисерот уште во 1984 година ги откупил од Кинг правата на оваа приказна за 5.551 долар, а тој чек во врамил и по неколку години му го вратил со пораката: „Ова е во случај некогаш да ти притребаат пари за кауција. Со љубов, Стив“.
И за насловот имало спор. Продуцентите сакале да остане оригиналниот наслов на приказната, но режисерот не можел да се избори со понудите на глумиците што сакале да ја глумат славната Рита Хејворт, па тоа име го избришал од насловот, додека Морган Фримен имал предлог филмот да се вика само „Рита Хејворт“. Инаку, режисерот речиси не отстапил до оригиналната приказна, освен што Ред во книгата е средовечен Ирец, а во филмот е Афроамериканец (Фримен).
За главната улога на Енди Дуфрен, во игра биле Том Хенкс и Кевин Костнер, но одбиле да глумат во филмот, додека Том Круз бил доста заинтересиран, но инсистирал наместо дебитант, филмот да го режира Роб Рајнер, што не било прифатено.

Анегдоти што се прераскажуваат

Голем број занимливости од снимањето се раскажуваат до денес. Меѓу другото, се зборува дека на сликата на младиот Ред не е Морган Фримен, туку неговиот син Алфонсо. Тој се појавува и во една сцена, како статист што им дофрла на затворениците.
Во последната сцена Енди вози црвен „понтијак ГТО“ од 1969 година, а дејството на филмот се случува четири години порано. Забележани се уште некои предмети што во таа 1965 г. не постоеле, како што се микрофони во седница, сирени на полициски автомобили, каси во супермаркетите….
Од занимливостите, издвојуваме и дека во филмот Енди (Тим Робинс), по грешка затворениот банкар, во текот на бегството од затворот ползи низ канализациска цевка полна со отпадни води со кафена боја и поминува цели 500 јарди, но успева да излезе на другиот крај… Продуцентите водата ја обоиле со мешавина на чоколаден сируп и струганици, па сите цевки мирисале на какао сѐ додека затворот во Охајо не бил урнат неколку години по снимањето.
И најпосле ве потсетуваме на дејството на ова остварување, кое говори за човековата издржливост и надежта, која последна умира… Енди Дуфрен е повлечен банкар, осуден за убиство на својата жена и нејзиниот љубовник кон крајот на 1940-тите години. Во затворот стекнува пријатели со големо срце, непријатели со насилнички склоности, корумпирани „деловни соработници“, но никој од нив не насетува каква намера има тивкиот банкар, додека ноќе гледа во постерот на една убавица (Рита Хејворт) на ѕидот на својата ќелија.

Најдобрите десет

На второто место на листата на најдобри филмови на сите времиња е „Титаник“, додека „Форест гамп“ е треторангиран. Потоа следуваат: „Паркот Јура“, „Шиндлеровата листа“, „Кралот лав“, „Умри машки“, „Евтини приказни“, „Денот на независноста“, „Гладијатор“… Во анкетата, исто така, гласачите требаше да ги изберат и своите омилени актери, актерки и франшизи од изминатите три децении. Том Хенкс е неприкосновен на првото место. Впрочем, тој навистина одиграл брилијантни ролји во текот на својата успешна актерска кариера.
Џони Деп е втор, Морган Фримен трет, а по нив се: Леонардо ди Каприо, Лиам Нисон, Идриз Елба, Мајкл Кејн, Том Круз, Семјуел Л. Џексон, Џорџ Клуни… Меѓу актерките, Џуди Денч е првопласирана, втора е Џулија Робертс, а третото место ѝ припадна на Мерил Стрип. Следуваат Кејт Винслет, Камерон Дијаз, Џенифер Лоренс, Хелен Бонам Картер, Анџелина Џоли, Никол Кидман, Натали Портман…
Меѓу франшизите, „Хари Потер“ е број еден, втор е серијалот „Господар на прстените“, а трет оној за „Џејмс Бонд“. Потоа се „Приказна за играчките“, „Војна на ѕвездите“, „Џејсон Борн“, „Пиратите од Карибите“, „Игри на глад“, „Шрек“ и „Одмаздници“…