Првиот филмски Џејмс Бонд наполни 90 години
Шон Конери, првиот глумец што го играше најпознатиот филмски шпион Џејмс Бонд, во вторникот наполни 90 години. Според многумина, тој е еден од најдобрите во улогата на агентот 007. Првпат го играл Бонд во 1962 година, во филмот „Д-р Но“. Смокингот на најпознатиот филмски шпион го носел уште пет пати, а на улогата по подолга пауза ѝ се вратил 1983 година, во филмот „Никогаш не вели никогаш“, кој формално не е дел од познатиот серијал. Иако веќе со години не глуми во Холивуд, Шон Конери важи за голема ѕвезда.
Роден е на 25 август 1930 година, во сиромашниот кварт на Единбург. Бил исфрлен од училиште на 15 години, кога ѝ се приклучил на британската воена морнарица, а по напуштањето на војската му се посветил на бодибилдингот, па повремено снимал реклами за костими за капење.
Освен тоа, работел и како физички работник, бил ѕидар, спасувач на плажа, модел на Академијата за ликовни уметности… Како 20-годишник ја претставувал Шкотска на изборот за мистер универзум и го освоил третото место.
Дебитирал во театарот во Лондон во 1951 година, а три години подоцна се појавил и на телевизија. Првата позначајна улога ја добил во 1958 година, во филмот „Друго место, друго време“, каде што партнерка му била Лана Тарнер.
И покрај неколку позначајни улоги, Конери бил релативно непознат сѐ додека во 1962 г. не бил избран за улогата на Џејмс Бонд, во „Д-р Но“, првиот од серијалот филмови засновани на романите на Ијан Флеминг. Го избрале читателите на дневниот весник „Дејли експрес“, а Флеминг со сите сили се борел токму тој да ја добие улогата. Потоа следувале „Од Русија со љубов“ (1963), „Голдфингер“ (1964), „Операција гром“ (1965), „Само двапати се живее“ (1967) и „Дијамантите се вечни“ (1971).
Но неговата блескава кариера ги прерасна филмовите за агентот 007. Тој играл во класикот на Алфред Хичкок „Марни“ од 1964-та, а во 1987 година улогата на ирски полицаец во филмот „Недопирливи“ му донесе „златен глобус“ и „оскар“ за споредна машка улога.
Беше забележан и во филмот „Индијана Џонс и последниот крстоносен поход“ на Стивен Спилберг од 1989 година, каде што исто така беше номиниран за овие две награди.
Според филмските критичари, најдобрите улоги на легендарниот шкотски глумец се оние што ги оствари во филмовите: „Името на розата“, (1986), снимен според истоимениот роман на Умберто Еко, „Лов на црвениот октомври“ (1990), „Карпа“ (1996) и „Во потрага по Форестер“ (2000 година).
Во 2000 година ја доби и титулата сер, а признанието за животно дело му беше доделено во 2006 година.
Последен пат на големото платно се појави само со својот глас во шкотскиот анимиран филм „Сер Били“ во 2012 година. Конери се обидел и како продуцент.
Кога во 1995 година магазинот „Пипл“ го прогласи за најсексапилен жив маж на планетата, тој одговори со зборовите: „Фала богу, сѐ е добро додека не бидам прогласен за најсексапилен мртов маж“.
Веќе наредната година, списанието „Емпајер“ го става на седмото место на најпривлечните филмски ѕвезди на сите времиња. Пред него од мажите се само Роберт Редфорд и Џони Деп.
Се женел двапати, првпат со Дајана Силента, со која има син Џејсон, исто така глумец, а вторпат со сликарката Мишел Рокенбурн, со која сѐ уште е во брак.
Денес мирно живее на три адреси: во Шпанија, на Бахамите и во Лос Анџелес. Другарува со своите внуци и заедно со нив ги гледа филмовите за Џејмс Бонд. Игра голф, пие мартини, но повеќе сака шкотско виски. Блиските пријатели тврдат дека по малку е хипохондрик.
Конери јавно се зарекол дека ќе се врати во родната Шкотска оној ден кога таа ќе биде независна, за што тој со сите сили се залага како член на Шкотската национална партија и е еден од нејзините главни финансиери.