Во претпразничниот амбиент на книжарницата „Литература.мк“ на улицата Македонија беше промовиран новиот роман за деца „Брзосплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ од авторката Катерина Трајановска. Книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“, е со илустрации од Калиопи Трпчева. Во средиштето е детската игра, конкретно авантурите на главните ликови: Лили, Мечкина Канџа, Змејски Очи, Зиги и Гризли. Покрај децата, во фокусот на книгата се релациите: возрасни (родители) – деца, деца – деца, деца – ликови од бајките.
– „Брзосплетковска 63“ остварува поучно-дидактичка (воспитна) функција, во духот на најдобрите традиции на детската литература. Се разбира, оваа функција е реализирана сосема ненаметливо. Крајна цел на ракописот е развивање емпатија кај децата, подготвеност да му се помогне на другарчето во неволја и негување на едно искрено, топло пријателство без скриени намери. Со еден збор, апелира враќање и развивање на вистинските вредности кај децата, нешто на што како да подзаборавивме во нашето материјалистички ориентирано секојдневие. Во оваа смисла, книгата има огромно значење не само за децата туку и за возрасните – рече Лидија Капушевска-Дракулевска од Катедрата за општа и компаративна книжевност.
Авторката Трајановска откри дека книгата произлегла од расказ што требало да биде дел од збирка раскази што сакала да ги објави.
– Идејата на збирката беше да понуди алтернативна вистина на некои детски навики што се сметаат за лоши и спротивни на бонтон-правилата. Сметав дека треба да застанам во одбрана на децата, кои се прекорувани за одржување неправилна хигиена и да поставам филтер што ќе укаже на комичноста на тие навики што и онака ќе се сменат како што децата растат и забележуваат дека е многу поудобно да се облече пар испрани чорапи, отколку да се носат истите со денови. Пораката на книгата е дека ако детето забележи неправда, има еднакво право како и возрасен да се бори за она што му е одземено, користејќи ги средствата што се во рамките на неговите можности – изјави таа.