Поттикнати од антирасистичките протести „И животите на Црнците вредат“, првите луѓе на британскиот Природонаучен музеј ја разгледуваат можноста да отстранат некои експонати, поврзани со патувањата и истражувањата на Чарлс Дарвин, кои може да бидат оценети како навредливи. Во тек е интерна ревизија на збирките, објави лондонски „Телеграф“.
Артефактите, кои зад себе ги остави Чарлс Дарвин, се во фокусот на управата на музејот, бидејќи неговата истражувачка мисија на островот Галапагос, според современото толкување, била една од „британските колонијалистички научни експедиции“.
– Во светлината на движењето „И животите на Црнците вредат“ и неодамнешните антирасистички демонстрации низ светот, музејот ги преиспитува називите на просториите, на колекциите, како и на статуите, за да се искорени сето она што може да биде навредливо – се наведува во еден од документите до кои дојде „Телеграф“.
Овој процес, во најдобар случај, би можел да доведе до преименување на одредени збирки што ќе бидат оценети како проблематични, а во најлош случај може да бидат и целосно отстранети. Вториот документ до кој дошол „Телеграф“ е извештајот на еден кустос, во кој се тврди дека музејската поставка во врска со Дарвиновото истражување и патувања им дава легитимитет на расистичката идеологија и на колонијализмот. Поради тоа овие колекции, како што се наведува во документот, мораат да бидат „деколонизирани“.
Цел би можела да биде и статуата на познатиот научник, со оглед на неговите расни теории. Освен оние што се однесуваат на Чарлс Дарвин, на удар може да се најдат и колекции и експонати поврзани со ботаничарот Џозеф Бенкс, кој патувал заедно со капетанот Џејмс Кук.
И збирката на познатиот шведски природонаучник Карл Лине, исто така, би можела да биде оценета како проблематична, сметаат некои од вработените во музејот, поради тоа што класификацијата на билките е според латинските називи, а не според нивните автохтони имиња.
– Движењето „И животите на Црнците вредат“ ни покажа дека мораме повеќе и побрзо да дејствуваме. Сакаме да учиме и да се образоваме, препознавајќи дека разбирањето и свеста за инклузија се од голема важност – напиша во инструкциите за вработените, директорот на музејот Мајкл Дикон.