Во рамките на фестивалот „Охридско лето“, на 11 јуни, со почеток од 18.30 часот, во катедралната црква „Св. Софија“, ќе се одржи работилница на темата „Музиката денес“. Предавач на работилницата ќе биде Џијан Емин, кој ќе зборува за различните перцепции на музиката, начинот на кој се создавала низ историјата и како се восприемала, како се создава и како се доживува денес, колку технологијата реално ја загрозува суштинската идеја на композиторот во процесот на создавање, како да распознаваме добра од лоша музика, квантитет наспроти квалитет. По предавањето, со почеток од 20 часот, следува авторски концерт на квартетот на Џијан Емин во состав: Кирил Кузманов – алт саксофон, флејта, Џијан Емин – пијано, клавијатури, глас, електроника, Кирил Туфекчиевски – контрабас и Гоце Стевковски – тапани.

Џијан Емин умешно прави една нова музичка перцепција, наметнува нова звучна естетика, која се базира на неговото огромно искуство како мултимедијален музичар, многу години како прв хорнист во Македонска филхармонија, клавијатурист, гитарист, композитор, аранжер, сега и диригент. Зад себе има богата кариера со заеднички настапи со големи светски и домашни ѕвезди. Масовните концерти со Феми Кути и Македонската филхармонија, „Скопје за Боуви“ и „Пинк флојд“ во Градскиот парк на манифестацијата „Види музика, слушни слика, добиј книга“, музичко-сценскиот спектакл „Музика универзалис“ во охридскиот Антички театар со еден од пионерите на детроитската техно-сцена Дерик Меј и повторно Македонската филхармонија, проект со кој го прошета светот (САД, Австралија, Европа), потоа настапот со Белградскиот симфониски оркестар и кумот на техното Јуан Аткинс, концертот „Париз те сакам“ по повод Денот на вљубените на кој француски познати шансони беа во негови аранжмани… Како дел од неговите проекти се и концертите како хорнист со Македонска филхармонија, но и со Белградската, концертите како класичен солист, камерен музичар, активностите во другите жанрови со бендовите како што се „Проект жлуст“, „ДНО“, Квартетот на Георги Шарески, „Скопје конекшн“, многу проекти со „Архангел“, соработките со Бодан Арсовски, Тони Китановски, Кирил Џајковски, „Фолтин“ и Никола Коџабашија, многубројните дискографски изданија…