Заврши „Филозофскиот филмски фестивал“
На 14. издание на „Филозофскиот филмски фестивал“, кое заврши во четвртокот, беа прикажани четириесетина филма од целиот свет во неколку селекции. На затворањето во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на Македонија се одржа последната проекција за годинава, на филмот „Златната треска“ (1925), во режија на Чарли Чаплин. На филмот му претходеа свечениот дел и прогласувањето на победниците во компетитивните селекции на фестивалот, односно официјалната селекција на долгометражни филмови и официјалната селекција на краткометражни филмови. За обете селекции стручното жири ја додели наградата „златен був“, додека во краткометражна селекција се додели и специјалното признание „Стефан Сидовски-Сидо“.
Годинашното стручно жири го сочинуваа домашни и меѓународни познавачи на филмот и филозофијата: Славица Србиновска (компаративист), Иван Миленковиќ (филозоф, Србија) и Јане Спасиќ (режисер). Дополнително, по секоја од проекциите од овие две селекции, публиката имаше можност да гласа за најдобар долгометражен филм и најдобар краткометражен филм, награди што, исто така, беа доделени на затворањето.
Комисијата одлучи „златниот був“ за најдобар долгометражен филм од официјалната селекција на долгометражни филмови да му припадне на филмот „Прозаични стихови“ на иранскиот режисерски двоец Али Асгари и Алиреза Катами. Филмот ја добива наградата поради, како што истакнува жирито во својата одлука, „смелата одлука сите девет вињети да бидат снимени во еден кадар, во кој камерата е вперена кон ‘жртвите’ на системот без воопшто да се појават ликовите на ‘опресорите’, кои се претставници на радикалниот ирански систем, сублиминално работи на неколку нивоа. Едното е идентификување на гледачот со жртвите, поради постојаниот фокус на неа“. Филмот „Прозаични стихови“, покрај оваа награда, ја добива и плакетата „златен був“ за најдобар долгометражен филм според публиката на 14. „Филозофски филмски фестивал“.
Во рамките на официјалната селекција на краткометражни филмови, комисијата одлучи „златниот був“ за најдобар краткометражен филм да му припадне на филмот „Големата експлозија“ на Карлос Сегундо. Жирито во својата одлука истакнува: „Филмскиот пристап е заснован на исклучително вешта примена на гледната точка на ликот; таа се користи со доследно придржување на приказите на висината соодветна на перспективата на човек со низок раст“.
Специјалното признание „Стефан Сидовски-Сидо“ за краткометражен филм, награда востановена во чест на професорот Стефан Сидовски-Сидо, комисијата му го додели на филмот „Монтанеа“ на француската режисерка Шарлот Луј. Во одлуката за признанието жирито истакнува: „’Монтанеа’, веројатно, би бил филм, кој особено би му се допаднал на Стефан Сидовски Сидо и чија авторка, Шарлот Луј, би ја сметал за своја филмска соборничка. Филмот е рефлексија низ визуелни слики и вербални фрагменти за промените на животните етапи осмислени како однос меѓу доаѓањето на светот и во животот, промените низ кои тече животот одразени во фазите детство, младост, зрелост и старост, а доведени во однос и со напуштањето на светот и животот, со смртта. Режисерката на филмот, покрај плакетата, доби и уметничка слика од уметницата Соња Чингарова-Фотева. Од краткометражните филмови, публиката за најдобар го избра египетскиот „Мојата девојка“ на Кавтар Јунис, кој ја добива плакетата „златен був“ за најдобар краткометражен филм според
публиката. Вечерта ја модерираше главниот координатор на фестивалот, Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот говор уште еднаш ја потенцираше важноста на овој фестивал, еден од само неколкуте фестивали во светот посветен на односот меѓу филмот и филозофијата, а повика и на поголема соработка од страна на институциите.
„Филозофскиот филмски фестивал“ се одржа под мотото „Неред меѓу редови“, од 7 до 13 јуни, во Кинотеката на Македонија, во организација на Филозофското друштво на Македонија, а во соработка со Кинотеката и Филозофскиот факултет при УКИМ. В.Д.