Режисерот Владимир Милчин на сцената на прилепскиот театар го поставува текстот „Аудиција“ од Александар Галин. Претставата финансиски е поддржана од годинашната програма за работа на театарот „Војдан Чернодрински“.
Според Милчин, претставата ќе биде горчлива комедија, современа, денешна.
– Галин затоа што неговиот текст ја отсликува нашата сегашна ситуација. Луѓето на кој било начин се обидуваат да избегаат од земјата, за на некој начин да најдат подобри можности за опстанок. Притоа, тоа е некоја очајна ситуација, во која човек тешко може да го брани достоинството и мора да прифати неприфатливи работи. Затоа велам дека е горчлива комедија. Мислам дека е многу актуелна денес, особено во нашето општество. Ако режисерот не сработи со актерите, претставата нема да биде добра. Претставата ќе биде добра само ако актерите од срце го играат текстот, односно играјќи ги ликовите ни укажуваат дека некој нѐ продал, дека ние сме само стока. И тоа е страшно ако се има предвид дека младите генерации се жртви на тоа. И младите заминуваат оти не гледаат перспектива. Галин сум го работел со студенти на ФДУ, кога како студент играше прилепскиот актер Владимир Ѓоргијоски, кој денес не е тука. Изгледа тоа што го одигра таму му се случи во животот – вели Милчин.
Ќе играат актерите: Јасмина Мицовска Станкоска, Ангела Наумоска, Игор Трпчески, Зоран Иваноски, Марија С.Илијески, Наташа Ачански, Александар Тодески, Даниела Иваноска, Илија Волчески, Михајло Миленкоски, Сара Спиркоски. Изборот на музиката ќе биде на режисерот, за сценографијата е задолжен Крсте Џидров, а за костимите Марија Пупучевска. Авторот на текстот Александар Галин е руски драмски автор. Ка.М.