Почнува етнографскиот фестивал „Илинденски денови“ – Битола

Третото издание на Интернационалниот етнографски филмски фестивал „Илинденски денови“ (19-26 јули) ќе ги покаже виталноста на документарецот во современата филмска продукција и неговата моќ да се осврне на обновен начин на централните прашања на нашето време. За тоа сведочат 40 селектирани филма од вкупно 2.681, колку што конкурираа за официјалната селекција, велат организаторите на фестивалот.
– Трета година по ред фестивалот сака да ги поттикне истражувачките и креативни пристапи во етнографските документарни филмови, да ја едуцира публиката за богатството и различноста на локалните културни традиции, како и да биде глас на совеста за проблемите на современите општества предизвикани од потценувањето на вредноста на културното наследство. Фестивалот, кој се одржува во рамките на републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, и годинава ќе има завиден опфат на теми од културната и социјалната антропологија од сите континенти. Преку овие филмови се нудат средби со заедниците од сите страни на планетата на кои им се заеднички споделувањето и зачувувањето на нивните обичаи и култура – вели Тони Гламчевски, селектор на фестивалот.

Темите на третото издание на ИЕФФ 2024, преку документарните филмови што се меѓу 2.681 предложени за официјална селекција, ги откриваат еколошките, социјалните, човечките и културните кризи од вчера и денес.
– Без оглед на потеклото на нивните режисери, без разлика дали ѝ припаѓаат или не на истражувачката заедница, без разлика дали дипломирале филмска академија или не, избраните 40 филма се и поради нивната употреба на кинематографски јазик во темите за третман специфични за човековите и општествените науки, особено етнографијата. Чувството на средбата што тие ја предлагаат меѓу уметноста и истражувањето никогаш не се стекнува и не е очигледно, туку останува непроменливо стимулирачко. Тоа е плуралистички пристап, кој еволуира, исто како и нашиот фестивал – вели Гламчевски.

Во годинашното издание е направен фокус на стари кратки документарни филмови од продукцијата на „Загреб филм“ од Хрватска, кои ќе бидат прикажувани пред секоја проекција.

Сите проекции се бесплатни, „Нова Македонија“ е главниот медиумски партнер на фестивалот, поддржан и од пекарницата „Вегера“. В.Д.


Отворање со хрватскиот „Поштарот од камењарот“

Интернационалниот етнографски филмски фестивал „Илинденски денови“, чии проекции ќе се одвиваат во Центарот за култура во Битола, се отвора вечерва со филмот „Поштарот од камењарот“ (Загреб, Хрватска), од 20 часот. Филмот е во продукција на „Загреб филм“, режијата и сценариото се на Зоран Тадиќ, камерата на Марио Перушина. Филмот е добитник на признание на католичкото жири на меѓународниот фестивал на краток филм „Оберхаузен ’72“. Потоа ќе следува проекција на филмот „Откривање на другиот“ од Бразил, документарен филм на Бруно Хорхе од 2022 година. Станува збор за епски, интимен и процедурален документарец за една од најважните мисии што се извршени во длабочините на амазонската прашума. Експедицијата ја предводи Бруно Переира, кој подоцна е убиен во истиот регион и станува меѓународен симбол на домородните народи и шумите.