На 30 април на „Охридско лето“
Во организација на „Охридско лето“, а по повод големиот верски празник Велигден, ќе се одржи Велигденски концерт на православна духовна музика со женскиот хор „Менада“ од Тетово, под диригентската палка на професор Ивица Зориќ. Велигденскиот концерт ќе се одржи на 30 април, во црквата „Света Софија“ во Охрид, со почеток од 20 часот.
– Со овој концерт ја заокружуваме програмата што веќе трета година ја реализираме надвор од традиционалната фестивалска рамка 12 јули – 20 август. Имавме прекрасни концерти во текот на целата година, со кои ја потврдивме големината на долгогодишното опстојување на оваа најзначајна културно-сценска манифестација – вели директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.
Женскиот хор „Менада“, предводен од диригентот проф. д-р Ивица Зориќ, е еден од најрепрезентативните хорови од нашата земја. Со своето четиридецениско дејствување тој прерасна во еден од стожерите во развојот и опстојувањето на хорската уметност кај нас.
Хорот „Менада“ е основан во 1981 година во Тетово и сите овие години е предводен од маестро Ивица Зориќ. На репертоарот на хорот редовно се застапени композиции од најразлични епохи и стилови од македонската и светската хорска а капела и вокално-инструментална музика. Хорот е добитник на многубројни награди и признанија во Македонија, поранешна Југославија и во Европа, за што сведочат многубројните настапи на фестивали, конкурси и концертни турнеи во Чешка, Полска, Шпанија, Шведска, Холандија, Данска, Португалија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Албанија, Романија, Бугарија,Турција, Германија, Грција, Словенија, Австрија, Белгија, Косово…..
Професорот Ивица Зориќ дипломира, магистрира и докторира на ФМУ во Скопје, како прв доктор од областа на интерпретација во Македонија. Во 1977 година го основа детскиот хор „Лале“, а во 1981 година го основа и женскиот младински хор „Менада“ во Тетово. На репертоарот со хоровите со кои работи поставил повеќе од 500 композиции од различни стилови и епохи на 18 јазици.
Во македонската и меѓународната културна јавност познат е пред сè како реномиран хорски диригент. Со хоровите „Лале“ и „Менада“ има остварено повеќе од 1.000 настапи во земјава и во странство. Како диригент со хоровите настапувал на фестивали, концертни турнеи и конкурси во 17 земји каде што освојува голем број награди и признанија, вклучувајќи ја и наградата за најуспешен диригент на фестивалот во Хајновка (Полска) во 1999 година. Ивица Зориќ е претседател на управниот одбор на меѓународниот хорски фестивал ТЕХО. Иницијатор е и основач на Балканскиот хорски форум во Тетово во 1998 година, во кој членуваат претставници од Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Турција, Србија и од Романија. Член е на Европската хорска асоцијација со седиште во Белгија како претставник на Македонија во музичкиот комитет. Во 1979 година ја добива наградата „19 Ноември“ на Тетово, во 1982 година наградата „Кирил Пејчиновиќ“, во 2005 највисоката државна награда на Македонија, „11 Октомври“, и во 2007 година наградата на Здружението на музички педагози за „повеќегодишна успешна работа во областа на музичката педагогија“.