Фото: З.А

Вечерва во 19 часот, во уметничкиот салон од Центарот за култура во Кичево, со свои дела ќе се претстави уметницата Јана Јакимовска, со изложбата под работен наслов „Тело“. Изложбата е со мултимедијален карактер и опфаќа дела од повеќе рецентни периоди од нејзиното творештво а ова ќе биде нејзина 23 самостојна изложба.

– Во фокусот на мојата изложба е телото, но како метафора за човечкото, профаното, нелагодното: телото старее, се дебелее, телото копулира, раѓа, телото крвари, умира, телото треба да се покрие, да се казни. Каде е границата меѓу мене и моето тело? Што е, јас, а што телото? Како треба јас и моето тело да се чувствуваме во различни емотивни и општествени контексти? Кому телото му должи, кому полага одговорност – вели авторката Јакимовска.

Родена е во Скопје во 1981 година, дипломира во 2005 а во 2009 магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Освен со сликање се занимава и со дигитална уметност, мурално сликарство, фотографија, инсталации, графички дизајн, илустрација и перформанс. Досега се претставила на 22 самостојни изложби и во престижни културни центри во светот, како Берлин,Њујорк и Белград а се има претставено и во повеќе градови во земјава. Има учествувано и на над 80 групни изложби во САД,Германија,Италија,Литванија,Турција и други земји. Била учесник и на 18 ликовни симпозиуми одржани на Балканот. Добитник е на повеќе награди од кои последна е наградата на ДЛУМ за мал формат во 2022 година. Јакимовска е редовен професор на Ликовната академија на Универзитетот во Штип.

З.А