Во издание на „ПНВ публикации“ излезе од печат новата поетска збирка песни „Убавите жени“ од македонскиот писател Зоран Пејковски. Рецензенти на книгата се две значајни авторки во македонската книжевна и научна мисла, Соња Стојменска-Елзесер и Лилјана Пандева.
– Стихозбирката „Убавите жени“ од Зоран Пејковски се базира врз традиционални универзални проблемски јадра и комбинира архаична наративност, препознатлива како библиска поетичка линија, со богати поетски слики и метафори и со ретки, но особено ефектни звуковно-значенски комбинирања на јазичниот материјал. Неговите поетски изблици во прв ред се доживуваат како сензуални и еротизирани, но во заднината избива продлабочена рефлексивност, која го поставува читателот пред низа прашалници и го повикува во мисловни авантури – напиша во својата рецензија за „Убавите жени“, Соња Стојменска.
Доктор Лилјана Пандева, пак, вели дека иако по вокација драматург, се чини дека Пејковски во „Убавите жени“ успеал комплетно да се „нурне“ во поезијата.
– Не дека во некои од овие песни го немаме драмскиот елемент (може ли каде што има жена да нема драма?!), но во „Убавите жени“ станува збор за чиста поезија. Како што, всушност, тој ја опишува и жената. Можеби насловот на збирката можел да оди во еднина, затоа што сите песни се за жената, за една жена. Уште од нејзината прамајка Ева, тука наречена икона на универзумот – вели Пандева.
Зоран Пејковски е македонски драмски писател, драматург, сценарист, поет, прозаист, публицист, театролог и единствен натуралист во македонската литература. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1995 година, а во 2018 година се стекнува со титулата европски писател на поезијата и уметноста, која ја доделува Номинациската комора за награди од Брисел при Европската Унија. Пејковски е и доцент од областа драматургија на Факултетот за театарски уметности при интернационалниот универзитет „Европа прима“ од Скопје. Автор е на над 20 драмски дела, потоа над 20 збирки песни, еден роман, четири научноистражувачки книги од театрологијата и над 50 дела од областа на научната мисла, на литературната критика и на рецензии за книжевни дела и театарски изведби. Добитник е на повеќе домашни и странски награди и признанија.