Фото: МКЦ

На 11 јули

Младински културен центар го најавува 23. издание „Синедејс“, кое ќе трае од 11 до 17 јули, како и отворањето на фестивалот на 11 јули, кое ќе го одбележи проекцијата на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд”, во режија на Андреас Јонсен и во продукција на МКЦ, Rosforth и Rumraket, како и концерт на „Ефтеркланг: Македониум бенд”.

Музичкиот документарен филм кој се снимаше во текот на април 2023 година претставува музичко патешествие на групата Ефтеркланг во потрага по македонски музичари, со цел составување на голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот „Македониум” во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност.
Премиерата на филмот, се одржа на 23 март 2024 во рамките на CPH:DOX и беше проследена со уникатен концерт на ансамблот „Ефтеркланг: Македониум бенд” во кој членуваат 22 македонски музичари.
Филмот ја заокржува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ Македонија. Младински културен центар се јавува во улогата на продуцент преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект.
Покрај бендот Ефтеркланг, во ансамблот членува и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки, потоа музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.
Билетите за отворањето на фестивалот се целосно распродадени.