Фото: Диего Делсо

Во текот на долгогодишното истражување, Роберт Валдингер и Марк Шулц ја разгледале благосостојбата на учесниците од многу различни агли, од скенирање на мозокот и тестови на крвта, до видеа на кои тие зборуваат за нивните најголеми грижи. Харвардските професори исто така посочуваат дека им поставиле илјадници прашања и направиле стотици мерења, на секои две години им испраќале долги прашалници, а документацијата се акумулирала на илјадници страници

Најдолгото истражување за благосостојбата на луѓето досега спроведено во светот од харвардските професори Роберт Валдингер и Марк Шулц покажува дека квалитативните врски ги прават луѓето здрави и среќни, социјалните односи се добри за луѓето, а осаменоста ги убива. Споменатото истражување исто така покажало дека луѓето тешко разбираат што е добро за нив и често мислат дека тоа е нешто како дестинација по која завршуваат сите проблеми. Истражувањето требало да опфати 724 учесници, но се проширило со вклучување на повеќе од 1.300 нивни потомци во три генерации. На почетната група од 268 студенти со привилегиран социјален статус од најстариот американски универзитет и еден од највлијателните во светот, „Харвард“, научниците додадоа 456 момчиња од сиромашниот дел на Бостон, двојно дискриминирани поради сиромаштијата и имиграцискиот статус на нивните родители, за да се обидат да ги споредат нивните животи и да откријат што ќе ги води на вистинскиот пат.
Споменатото истражување беше објавена во книгата „Добриот живот“ во која на повеќе од 350 страници во десет поглавја се зборува за тоа што го прави животот добар, зошто врските се важни, за социјалните вештини и за околината со пријателите, семејството и на работа. Луѓето цел живот трчаат по пари и слава, но вистинска среќа можат да донесат само добрите односи со блиските луѓе, се вели во споменатата книга.
Во текот на долгогодишното истражување, Роберт Валдингер и Марк Шулц ја разгледале благосостојбата на учесниците од многу различни агли, од скенирање на мозокот и тестови на крвта, до видеа на кои тие зборуваат за нивните најголеми грижи. Харвардските професори исто така посочуваат дека им поставиле илјадници прашања и направиле стотици мерења, на секои две години им испраќале долги прашалници, а документацијата се акумулирала на илјадници страници.
Ние сме само луѓе, би сакале брзо решение, велат Валдингер и Марк Шулц, нагласувајќи дека среќата е чувството дека нашиот живот е вреден и значаен, сугерирајќи дека подобар термин за тоа е благосостојбата.
– Тоа не е одлука што ја носиме само еднаш во животот, туку е прашање на избор што се повторува од секунда на секунда, од недела на недела, од година на година и секој треба да ја бара среќата за себе – сметаат харвардските професори.
Во тоа може да се помогне со учење на децата за социјални вештини, особено денес кога владеат технологијата и околности како пандемии, тие заклучуваат и забележуваат дека секој од нас може да ја започне потрагата по „среќа“ во секое време и на која било возраст.

Д.Ст.


Финансискиот успех зависи од топлината на односите со луѓето и средината

Студијата за развој на возрасни на Медицинскиот факултет при „Харвард“ е 75-годишна лонгитудинална студија, која и ден-денес сѐ уште продолжува. Истражувањето е единствено поради долгиот временски период, како и поради високиот социјален статус на некои од учесниците во студијата. Меѓу најзначајните учесници во ова истражување биле Бен Бредли, уредник на „Вашингтон пост“, и поранешниот американски претседател Џон Ф. Кенеди.
Истражувањето покажало дека алкохолизмот е нарушување со голема разорна моќ. Односно алкохолизмот е главната причина за развод меѓу мажите и нивните сопруги. Постои силна корелација со неврозата и депресијата поради злоупотреба на алкохолот. Студијата исто така посочува дека заедно со пушењето цигари, алкохолизмот има најголем придонес за раниот морбидитет и смрт. Според студијата, финансискиот успех зависи од топлината на односите со луѓето и средината, а не од интелигенцијата. Оние што постигнале највисоки резултати на мерењата на добри односи заработувале во просек 141.000 долари годишно. Истражувањето исто така покажало дека нема значајна разлика во максималниот приход заработен од мажи со коефициент на интелигенција во опсегот 110-115 и мажи со коефициент на интелигенција поголем од 150.
Според споменатата студија, детскиот однос со мајките е важен до зрелоста. Мажите што имале добри односи во детството со своите мајки заработувале во просек 87.000 долари повеќе годишно од мажите чии мајки не биле грижливи. Податоците исто така посочуваат дека мажите што имале лоши односи во детството со нивните мајки имале многу поголема веројатност да развијат деменција кога ќе остарат.
Студијата за развој на возрасните исто така посочува дека добрите односи со татковците се поврзани со пониски стапки на анксиозност кај возрасните, поголемо уживање во одморите, како и зголемено „задоволство од животот“ на 75-годишна возраст.


Говорот за најдолгата студија има над 40 милиони прегледи

Роберт Валдингер е американски психијатар, психоаналитичар и хонорарен професор по психијатрија на Медицинскиот факултет на „Харвард“, како и раководител на споменатата харвардска студија за развој на возрасни, едно од најдолготрајните студии за возрасниот живот некогаш спроведено. Валдингер е автор на голем број научни трудови, како и на две книги. Тој раководи со наставна програма за психодинамичка психотерапија во Општата болница во Масачусетс, Бостон. Добитник е на награди за настава и истражување од Американската психијатриска асоцијација, Медицинскиот факултет на „Харвард“ и Психијатриското друштво во Масачусетс. Валдингер е исто така зен-свештеник и сенсеи. Неговиот ТЕД-говор за лекциите од најдолгата студија за среќата има над 40 милиони прегледи и е најбрзо распространетиот говор во историјата на настаните на ТЕД.