Серум против заборавот

Рецензија

(Кон романот „Заборав“ на Томислав Османли, издание на „ВиГ Зеница“, Скопје, 2023 г.)

Ферид Мухиќ

Пандемија пострашна од ковид-19 хара низ светот: пандемија на заборавот! Иако трае многу подолго од ковидот, сите релевантни светски, регионални и локални институции не само што не преземаат никакви мерки туку молчат до денес, како и со ковидот. Не се знае ни како ни кога точно почна оваа пандемија. Случајно, од немукает, или планирано, како стратегиски проект конципиран, планиран и контролиран во генералштабот на „Длабоката држава“, од анонимните стратези на новиот светски поредок!?

Можеби идејата ја поттикнал Ернест Ренан во своето некогаш ноторно познато, а сега одамна (дали намерно?) заборавеното предавање насловено „Што е нација?“, во кое големиот филозоф на културата ја дефинирал нацијата како „…заедница на луѓе што се согласиле што да запомнат, а што да заборават“!? Ако бришењето на несаканото реално сеќавање и внесувањето на фиктивното „сеќавање“ на виртуелната, идеолошки фабрикувана „реалност“ го сметаме за стратегиска цел, сите неопходни претпоставки за нејзина реализација веќе се обезбедени. Организирана манипулација на напредокот во научното познавање на принципите врз кои функционира меморијата и големиот напредок во владеење со техниките на памтењето, како и на заборавањето, лесно може да обезбеди ефикасен и незабележлив, речиси безболен (ако овој збор не е премногу горчлив циничен сарказам!), научно генериран колективен заборав. Плаузибилноста на оваа хипотеза наоѓа своја макар теориска поткрепа во фактот дека веќе сосема е избришано официјалното колективно сеќавање за вистинскиот карактер на најзначајните настани од светската историја што се случиле во текот на изминатите пет века од свеста на современите генерации и целосно заменето со официјализирана лага!

Истата техника на манипулација на колективното сеќавање, уште полесно и поефикасно може да се примени врз креирањето на меморијата на поединецот. Континуирано бомбардирање со безброј нови информации, овозможено со спектакуларни капацитети на современата дигитална технологија, ефикасно го спречува трајното помнење (ретенција) на реалната стварност, а со тоа и создавање фиксирана свест за сопствениот идентитет. Наместо личност со нагласен персонален интегритет и морална свест, под притисок на френетично забрзана смена на постојано нови информации што застаруваат за еден ден, современиот човек не стасува трајно да меморира и интернализира ниту една клучна информација и останува на ниво на хронична деменција. Идеолошки контролираното бришење на несаканите сеќавања и нивното заменување со саканите се претвора во внимателно планирана идеолошка лоботомија. Крајната цел на овој сложен зафат на идеолошката неврохирургија е тотален колективен заборав на универзалните идеали на човештвото и на темелните доблести на човекот – поединецот, преку имплантирање обрасци преземени од експерименталната технологија на однесувањето на Б.Ф. Скинер, со кои постапките на луѓето се деградираат на ниво на условен рефлекс на лабораториските заморчиња.
На овие размисли за темниот облак на катастрофичните сценарија наднесени над современото човештво и секој човек, ме наведе новиот, петти по ред роман на Томислав Османли, „Заборав“. Исклучително продуктивен и жанровски неверојатно версатилен автор, Томислав Османли од самиот почеток се легитимираше како автор на делата инспирирани од мегалопсихиа (голема душа), дела за големи, универзални теми. Неговото пишување не е астматично забревтано кажување прекинувано со кашлица, туку силен, воздигнат говор со полн здив, дури и кога станува збор за најкусите реплики на неговите ликови. Таков е и овој негов роман, кој, би рекол, ја адресира веројатно најсериозната закана за иднината на човештвото: заборавот! Заборавот на хуманистичката суштина на човекот како индивидуа со морален интегритет и критичка свест, заборавот на вредноста на хуманистичкото наследство на човечката историја. Морниците што ме обзедоа кога го прочитав овој роман на Томислав Османли, ме потсетиja на морниците што ги почувствував кога првпат ја слушнав реченицата: „You are too, philosopher by training!“ („И вие сте филозоф по тренинг!“). Најлошо беше што тоа се случи на Светскиот филозофски конгрес. Пред 24 години. Никогаш немав слушнато за ниту еден филозоф по тренинг, а сега се најдов опкружен со неколку стотини такви чудни суштества! Се разбира, во секое поединечно претставување инсистирав да останам црна овца и бела врана, нагласувајќи дека никогаш не сум тренирал филозофија, туку дека сум филозоф по образование и по вокација. За жал, но нималку случајно, денес веќе сите професии се професии „по тренинг“, а не „по образование“ – дури и сликарите, поетите, музичарите, пејачите.

Зошто реков дека тоа не е случајно? Затоа што образованието го зајакнува персоналниот интегритет и ја развива критичката мисла, со доминантна и неизбришлива свест за сопствениот идентитет, сопственото „јас“. Од друга страна, тренингот го прави токму спротивното! Во тој контекст, тренингот е најефикасен начин трајно да се заборават постојните сеќавања, пред сѐ индивидуалниот интегритет и колективните вредносни матрици. Познато е дека војниците, особено командосите, подлежат на најригорозен тренинг. Добро трениран војник дејствува автоматски, без морална процена и без барање мотив. Добро трениран спортист, возач, работник на сложено мануелно работно место, исто така, дејствуваат автоматски без двоумење.

Првата цел на секој тренинг е во текот на конкретната активност личната процена заснована врз сеќавањето целосно да се замени со меморијата стекната со тренинг.
Романот „Заборав“ на Томислав Османли, книжевно-уметнички исклучително ефектно, логички уверливо и фактографски аргументирано покажува како човештвото постапно се претвора делумно во тренирани војници, делумно во луѓе без сеќавање, делумно пак во меланхолични ликови во кои сеќавањето наизменично трепка, се пали и гасне, како светулките во летната ноќ. Извонредната ерудиција и талентот на филмски и драмски сценарист му овозможиле на Османли распонот на оваа колективна трагична драма на човештвото да ја конкретизира во широк и импресивен дијапазон на високоиндивидуализирани ликови, од култните три генерации членови на семејството Панкови, познати од неговата драма „Враќање дома“ (2019), преку ликовите од приказните на имагинарните и реални луѓе од сегашноста и од минатото на Балканот, до личната драмата на конгресменот Стетсон од Тексас, заклучно со брилијантно изложените тези на докторската дисертација на Мирјана Котевска, поднесена на „Фраје универзитет Берлин“, со темелно елаборирана хипотеза за карактерот на глобалниот процес на ширењето на „Заборав“ под влијание на неоколонијализмот.

Раскажувачки сугестивен, со дијалози што се „лепат“, тематски максимално релевантен, оригинално конципиран, високоинформативен и фактографски максимално аргументиран, инспириран длабоко хуманистички, романот на Томислав Османли, „Заборав“, претставува силна доза на серумот против пандемијата на заборав, добредојдена за секој современ читател.