Жарко Кујунџиски во трка за „Балканика“
Жирито за избор на национален претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика“, во состав: Александар Прокопиев (претседател), Весна Мојсова-Чепишевска (член) и Александра Јуруковска (член), во најтесен избор ги избра следните две дела: „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски во издание на „Антолог“ и „Лазарка“ од Љупчо Петрески во издание на „Арс ламина“. На својот последен работен состанок, стручната комисија едногласно ја избра книгата „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски.
Фондацијата „Балканика“ е основана во 1996 година од страна на релевантни издавачки куќи од седум држави од Балканот: Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Турција и Романија. Седиштето на „Балканика“ се наоѓа во Софија, Бугарија, а претседател е писателот и издавач Николај Стојанов. Во „Балканика“ членуваат по една реномирана издавачка куќа од секоја од седумте држави-членки на фондацијата. Одржувањето на книжевната манифестација ротира кај секоја од државите-членки. Значајно е да се истакне дека секој добитник на наградата се стекнува со голем публицитет и надвор од балканските држави и неретко таа е значајна за пробивањето на авторот во меѓународни рамки, а со самото тоа и за афирмација на книжевноста на државата од која доаѓа. Досегашни добитници на наградата од Македонија се Венко Андоновски со „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев со „Човечулец“.
Манифестацијата „Балканика“ треба да се одржи на почетокот на наредната 2022 година. Наградата ќе биде доделена од меѓународна стручна комисија од седум члена, со по еден претставник од секоја од државите-членки, а претседател на жирито е професорот Ендрју Вахтел од САД.
Ова е втора година по ред како роман во издание на „Антолог“ е избран за национален претставник за оваа престижна книжевна награда.
– Романот „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски се издвои како исклучително интересно и популарно четиво, кое функционира на две рамништа. Тој е насочен и кон учените сладокусци, поточно кон оние што преферираат т.н. елитна книжевност, но и кон обичните искрени вљубеници во книгата. Романот, и покрај комплексноста, има убава динамика со која се доближува до динамиката на трилерот или уште поконкретно до една суптилна комбинација од трилер и книжевна метафикција, при што целата приказна постојано ги подгрева вниманието и љубопитството на читателот – вели комисијата.
Во духот на тоа, но и на авторскиот личен печат и поетика, комисијата истакна дека „Сфинга на гневот“ има добро изградени ликови, особено оној на Лазар Отадески (уредник и книжен молец), но и на отсутниот или исчезнат автор Марко Ковачки. На индивидуално рамниште, страдањата и предизвиците на ликот Лазар ги отвораат и етичките прашања за моралот, егоцентричноста и селфизацијата на реалноста.